Влада: Одлуката на Иванов е очекувана, но не влијае на имплементацијата на Договорот


       
Скопје, 26 јуни, 2018 - 12:55 (META) 

Одлуката на претседателот Ѓорге Иванов и непотпишувањето на Указот за законот за ратификација на договорот за името, од Владата ја оценуваат како очекувана и потенцираат дека не влијае на имплементацијата на договорот.

– Што се однесува до одлуката на Иванов истата беше очекувана, но таа не влијае на чекорите односно имплементацијата на фазите од договорот. Владата на Република Грција веќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО – изјави портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Од Владата повторуваат дека волјата на граѓаните изразена на референдум ќе биде обврзувачка за сите политички субјекти без разлика која форма ќе го има изјаснувањето на граѓаните.

Во Собранието на Република Македонија денеска е доставена одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов со која тој информира дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.

Претседателот на Собранието Талат Џафери најдоцна другата недела ќе ја закаже седницата за повторно гласање на законот за ратификација на договорот.