(Визуелизација) Сите катастрофи и несреќи во Македонија низ бројки


       
Скопје, 10 август, 2016 - 10:32 (META) 

Македонија памети многу катастрофи низ својата понова историја. На црната листа води скопскиот земјотрес со околу 1.100 загинати и 3.000 повредени. По него следат авионските несреќи кои навистина биле бројни и крвави, а најголемата се случи на 22.11.1993 година кога патнички авион „Јак-42Д“ на „Авиоимпекс“ се урна поради грешка на пилотот. Во оваа несреќа загинаа 115 луѓе.

Ако се направи дистинскиција и се земат предвид само природните катастрофи, тогаш неодамнешната поплава со 22 загинати до сега, според жртвите е втора, веднаш зад катастрофалниот земјотрес од 1963 година.

Овде не се земени предвид катастрофалните поплави од 1962 и 1979 кога немаше загинати.

Во оваа листа не се ставени загинатите во вооружените конфликти и полициските и воени акции.

22.10.1951 година – Авион на ЈАТ што полета од Белград се урна на аеродромот во Скопје. Загинаа 12 лица.

26.07.1963 година – Катастрофален земјотрес во Скопје. Загинаа околу 1.100 жители. Најмалку 3.000 лица беа повредени, а 200.000 останаа без покрив над главата.

24.07.1992 година – Карго авион „Антонов“ се урна на 26 километри југоисточно од Скопје, за време на приоѓање кон аеродромот. Авионот удри во планина близу селото Лисец. Во оваа несреќа животот го загубија 8 лица.

05.03.1993 година – На полетување од скопскиот аеродром, се урна патнички авион „Фокер 100“ на компанијата „Палер Македонија“ со 97 патници. Во несреќата загинаа 86 лица. Тогаш министерот за транспорт и врски, Антони Пешев си поднесе оставка од морални прични, што е преседан во македонската историја. Од тогаш, до денес, ниту еден министер не поднесе оставка од морални причини.

22.11.1993 година – Патнички авион „Јак-42Д“ на „Авиоимпекс“ се урна поради грешка на пилотот и однесе во смрт 115 лица – само едно преживеа. Авионот леташе од Женева до Скопје каде што требаше да слета. Меѓутоа поради лошите временски услови беше пренасочен кон Охридскиот аеродром на принудно слетување. Се урна во блиската Тројан-планина.

18.09.1995 година –  Авион „Антонов“ која беше ангажиран во гасење пожари се урна во близина на Скопје. Загинаа два члена на екипажот.

17.03.2001 година – Во текот на воениот конфликт во Македонија, воен хеликоптер МИ-17 удри во бетонски столб на Попова Шапка. Загинаа пилотот и инженерот, а десетина војници беа повредени.

26.02. 2004 година – Во близина на Мостар загинаа македонскиот претседателот Борис Трајковски, шест негови соработници и двајцата пилоти на владиниот „Кингер“.

12.01.2008 година –  Хеликоптер на АРМ се урна кај месноста катлановско Блаце. Притоа загинаа 11 мировници на АРМ кои се враќаа од мисијата „Алтеа“ во БиХ.

28.08. 2008 година – Авион од типот „Цесна“ се урна во месноста Скребатно кај селото Лескоец, во близина на Охрид. Во несреќата животот го загубија пилотот и тројца патници во авионот. Избегната е поголема катастрофа бидејќи авионот удри во автомобил фиќо во кој во моментот се наоѓаше малечко девојче.

05.09. 2009 година – Во 10.30 часот, потона бродот „Илинден“ во Охрид, а животот го загубија 15 лица, туристи од соседна Бугарија.

04.08.2015 година – Во невремето во Тетовско, 6 лица загинаа од наноси во селото Шипковица.

06.08.2016 година – Поплави во Скопско. Според последните информации има 22 загинати.