„Визер”: Летови до Барселона, Ваксјо и Лондон само во летната сезона


       
Скопје, 13 август, 2018 - 16:49 (META) 

Авиокомпанијата „Визер“ попладнево соопшти дека авиолиниите од Скопје до Ваксјо и Барселона и од Охрид до Лондон се оптимизирани според барањата на пазарот и ќе бидат функционални само во летната сезона.

„Наскоро, авиокомпанијата ќе го објави летниот распоред за 2019 година и патниците ќе можат веќе да ги планираат своите патувања и да ги резервираат своите карти на Wizz рутите од Македонија“, се наведува во изјавата од авиокомпанијата.

Оттаму посочуваат дека вообичаена практика во авионската индустрија е фреквенциите на летовите да се менуваат според патните периоди и перформансите на рутите и оти „Визер“ постојано ги следи перформансите на своите рути за да овозможи најпопуларните дестинации да имаат најниски цени.

На официјалната веб-страница на авиокомпанијата не може да се резервираат билети од Скопје до Барселона и Ваксјо и од Охрид до Лондон. Последниот лет од Скопје до Барселона за кој може да се резервира билет е 26 октомври, а од Охрид за Лондон 24 октомври. По 16 септември веќе не можат да се купат и билети за летовите од скопскиот аеродром до Ваксјо во Шведска.

„Визер“ беше единствената компанија која се пријави на тендерот за доделување на субвенции за нискобуџетски компании што беше поништен минатата недела.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска најави дека деновиве ќе биде објавен нов тендер за финансиска поддршка на нискобуџетски летови.