Виталиј Чуркин, дипломатот што ја донесе нотата со која Русија ја призна Македонија


       
Скопје/Москва, 21 февруари, 2017 - 10:27 (META) 

Рускиот амбасадор во Обединетите нации, Виталиј Чуркин, кој вчера ненадејно почина во Њујорк, во 1992 година беше претставникот на Москва што ја донесе нотата со која Руската Федерација официјално ја призна Република Македонија под уставното име.

Во тоа време, односно од јуни 1992 до октомври 1994 година, Чуркин беше заменик на тогашниот руски министер за надворешни работи, Андреј Козирев. Според некои извори, токму Козирев требало, неколку месеци претходно, да ја испрати нотата за признавање во Скопје, но на крајот таа задача му припаднала на Чуркин.

Имено, во 1992 година Козирев, како министер за надворешни работи, се нашол под притисок на грчката и на српската дипломатија околу признавањето на Македонија. Тој, и покрај ваквите притисоци, во 1992 година ја посетува Македонија и на тогашното државно раководство му пренесува дека Москва донела одлука за признавање на Македонија и дека штом пристигне во Москва, ќе ја испрати нотата. Сепак, и по неколку месеци, нотата не пристигнала во Скопје.

Пресвртот се случил по официјалната посета на тогашниот руски претседател, Борис Елцин, на Софија, односно по средбата со бугарскиот претседател Жељу Желев. Тој го убедува Елцин дека е време да ја признае Македонија. Рускиот претседател, наводно, одлуката ја носи уште додека е во Бугарија и го потпишува указот за признавање на Македонија во авион кон Москва.

На 5 август, заменик-шефот на руската дипломатија, Виталиј Чуркин, пристигнува во Скопје и му ја предава нотата со која Русија ја признава Македонија под уставното име, на тогашниот македонски министер за надворешни работи, Денко Малески.

– Мене ми се јавија од руската делегација, која тогаш беше во посета на Софија, а во која, очигледно, бил и Чуркин, и ми најавија дека во Македонија ќе дојде висок претставник на руската дипломатија со важна порака. Никој не знаеше што е содржината на пораката. Чуркин во Скопје дојде со автомобил, попладнето на 5 август. Имавме средба во вилата на Водно, каде ми го предаде декретот со кој Русија ја признава Македонија под уставното име. Средбата беше пријатна и на неа разговараме за случувањата во Југославија и за тоа како Македонија да го избегне и да не биде вовлечена во тоа што се случуваше таму – вели за „Мета“, универзитетскиот професор и поранешен шеф на македонската дипломатија, Денко Малески.