Ако се гледа според бројот на наслови по интернет медиумите пратеничката од СДСМ, Мира Стојчевска, дебело ги засени сите настани изминативе неколку дена. Пратеничката позната во јавноста како Мира „Дизел“, целосно ги преклопи исклучително важните случувања за нашата држава , какви што се: официјалното стапување во употреба на новото име на земјата – Република Северна Македонија и свеченото кревање на знамето на НАТО пред Владата, се вели во анализата на „Вистиномер.мк“.

Опозицијата најпрво обвини дека пратеничката на СДСМ, Мира „Дизел“ Стојчевска, викана така поради наплатата на високите патни трошоци, го вработила синот во владината ЕЛЕМ, а потоа излегоа со информација дека нејзиниот брат се вработил во РЕК Битола. Денес пак, беше пласирана нова информација од серијалот „Мира Дизел“ – дека и сопругот на Стојчевска, наводно, пред еден месец е унапреден во командир на Шумската полиција во Делчево!

По социјалните мрежи, неверојатно инспирирани од оваа ситуација, се ширеа шеги со препознатливиот хумор:

  • Во утрешната штампа ќе читате: Кучето на Мира Дизел вработено во гранична полиција.
  • Бонева не знаеше дека синовите купиле станови, пратеничката Стојчевска не знаела дека синот се пријавил на оглас. Гледате што се случува кога не комуницираат родителите и децата?
  • На интервју за работа: – А ти чие дете си?
  • АВРМ: Агенција за Вработување Роднини на Мира.

Заев на свеченоста по повод подигнувањето на знамето на НАТО пред Владата говореше дека сме излегле од судбината, дека нашата татковина успеа, дека е на вистинскиот пат кон прогресот и кон непречен развој, дека не чека тешка работа во следните месеци и години …

Но, Мира „Дизел“ беше погласна од премиерот! Таа ги „надгласа“ сите вести ! Немаа пробив ниту информациите за тоа дека на свеченоста пред Владата не биле поранешниот претседател Бранко Црвенковски и актуелниот шеф на државата Ѓорѓе Иванов.

Деновиве Мира беше Крлеуша!

Ако ова му го смислиле на Заев од вмровската ПР кујна за да му го минимизираат настанот: браво за нив! Заев треба да им понуди работа.

Ако пак, сето ова било случајно (а, старите удбаши велеа дека ништо не е случајно), Заев и СДСМ треба да преиспитаат конечно колку штета им носат сите „дизелаши“, не само во вакви свечени моменти, туку и кај утрешните гласачи.

А избори идат!