!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

(ВИДЕО) Спираки со отровни стрели кон Милошоски


       
Стразбур, 28 ноември, 2014 - 11:12 (META) 

Продолжува да се разгорува расправијата меѓу грчката европратеничка Мариа Спираки и поранешниот шеф на македонската дипломатија Антонио Милошоски. Европратеничката од редовите на Нова демократија, која е дел од Мешовитиот комитет ЕУ-Македонија, не го премолче повикот на Милошоски, во знак на добрососедство, заедно да се искачат на Олимп и да ги развеат знамињата на двете држави, туку возврати со нова реакција поврзана со неговиот септемвриски планинарски поход, кога на врвот Митикас беше сликан со знамето од Вергина.

– Разбирам дека признавате оти вашето претходно однесување со знамето со сонцето од Вергина беше неприфатливо. И очигледно е неконзистентно со вашата позиција. Сметам дека тоа е голем напредок во овој момент – вели Спираки во реакцијата до Милошоски.

Во реакцијата, Спираки го потсетува Милошоски дека официјалното македонско знаме е тоа кое беше прифатено со Привремената спогодба, па очигледно неговиот предлог да се качат и да развеат знамиња на Олимп ќе ги вклучува грчкото и македонското знаме од Привремената спогодба. Во дополнителен коментар, со доза иронија, Спираки истакнува дека се надева оти ставовите на Милошоски не се поврзани со иредентистичка идеја за „Голема Македонија“.

– Би сакала навистина да се надевам дека тоа што го претпочитате Олимп не е поврзано со честите споменувања во вашите медиуми дека грчката планина е природна граница на „Голема Македонија“, за која сонуваат одредени личности во вашата држава – подвлекува грчката европратеничка која сè до Евроизборите работеше како новинар за грчката телевизија „Мега“.

Поранешната новинарката фрли дополнителна отровна стрела кон Милошоски, коментирајќи дека неговата покана е, во суштина, индиректно признание оти сликањето со сонцето од Вергина, настан кој ја разбранува грчката медиумска и политичка јавност, нема да се повтори, потег кој, според неа, е голем чекор напред за добрососедските односи.

Спираки постави прашање до Милошоски зошто од македонска страна никој не ги осудува, како што ги оцени, „опсесиите“ со идејата за „Голема Македонија“ кои постојат во нашата држава. Грчката европратеничка забележа дека Грција повеќепати, на различни начини, има покажано дека има волја за добрососедство со Македонија, истакнувајќи оти тоа добро се гледа преку големото присуство на грчки компании во Македонија.

– Меѓутоа, потребно е и од ваша страна да се направи чекор на добра волја во рамки на преговорите во Обединетите нации, за наоѓање заеднички прифатливо решение кое ќе биде за севкупна употреба – вели Спираки.

Грчката европратеничка упати и коментар на предлогот на Милошоски да се воведе изучување на грчкиот и на македонскиот јазик во училишта во пограничните општини меѓу Македонија и Грција.

– За прашањето за јазикот, би ве замолила, можеби, прво да се обратите кон бугарскиот колега пред да го споменете повторно. Се надевам разбирате дека за ова прашање треба да почнете од вашите соседи, кои имаат многу посериозни реакции за оваа тема – истакнува Спираки.

Грција веќе некое време го истакнува ставот дека Македонија има многу посериозни несогласувања со Бугарија. Неодамна шефот на грчката дипломатија, Евангелос Венизелос, во интервју за неделникот „Риалњуз“, посочи дека несогласувањето за националниот идентитет и за јазикот меѓу Македонија и Бугарија е посериозен од спорот за името.

Кавгата меѓу Спираки и Милошоски се разгоре за време на дискусијата на Мешовитиот комитет во Стразбур, кога грчката пратеничка ја критикуваше Македонија за неконструктивни и иредентистички позиции во преговорите за името и за односите кон Грција, а директно и го обвини Милошоски дека неговиот потег на Олимп е еден од оние чекори кои ја загрозуваат добросоедската клима меѓу двете држави. Грчката европратеничка му порача на Европарламентот да биде повнимателен во препораките за датум за членство за Македонија бидејќи оценува дека, поради отсуството на опозиција во Собранието, проблемите со слобода на говор на медиумите и поради независноста на судството, нашата држава не е подготвена да му се приклучи на европското семејство.

На овој нејзин коментар, следуваше реплика од Милошоски, кој ѝ порача на Спираки, доколку е засегната за добросоедството, да се качат заедно на Олимп и да ги развеат македонското и грчкото знаме, да се воведе изучување на грчки и на македонски јазик во пограничните училишта, но и да се упати апел до двете влади, во Македонија и во Грција, веднаш да се примени пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Поранешниот шеф на дипломатијата ѝ посочи на Спираки дека би било корисно и да се одржи грчко-македонска владина седница и да се разговара за заеднички инфраструктурни, енергетски, стопански и образовни проекти, по примерот на владината седница меѓу Грција и Бугарија.