!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ветер во грб побара Димитров од европарламентарците


       
Брисел, 10 октомври, 2017 - 15:45 (META) 

„Градењето модерна европска демократија е, пред сè, во интерес на нашите граѓани, во интерес на земјите од регионот и од интерес на ЕУ. Стабилна, економски просперитетна и успешна Република Македонија подразбира стабилен и просперитетен регион“, порачал министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во денешното обраќање пред Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент (АФЕТ), соопшти Министерството за надворешни работи.

Во освртот Димитров ги презентирал мерките за спроведување на клучните реформи во земјата, како и посветеноста на Владата на градењето регионална и меѓународна соработка. Тој на европарламентарците им порачал дека е време за поголема стимулација на Македонија.

– Предолго искусуваме ветер в лице, дајте ни ветер во грб, а ние ќе возвратиме со мирни води и со плодна жетва – рекол шефот на македонската дипломатија, нагласувајќи дека сега е вистинското време да се препознае моментот за енергичен и позитивен ангажман кон повеќе, а не помалку ЕУ-интеграција.

По обраќањето пред парламентарната комисија, Димитров се сретнал со неколку европратеници, повторувајќи го притоа апелот за поддршка за Република Македонија да направи суштински чекор во процесот на европските интеграции во текот на 2018 година.