Вељаноски: Немате двотретинско мнозинство за промена на Уставот


       
Скопје, 10 октомври, 2018 - 13:22 (META) 

Собранието е институција, а пратениците се народни претставници кои ќе ја донесат одлуката и ќе ја спроведат волјата на граѓаните и порачувам да не потклекнат на каков било притисок, затоа што решаваме децениски спор за да ja извлечеме земјата од изолација, рече премиерот Зоран Заев за време на обраќањето на Комисијата за уставни прашања, каде што го образложува предлогот за уставни измени.

– Време е сите заедно да ја однесеме Македонија напред, пратениците имаат историска должност да го обезбедат патот на граѓаните кон стабилност, безбедност, економски развој, односно кон ЕУ и НАТО. Повикувам на обединување кон важните државни приоритети – рече Заев.

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски рече дека ниту една пратеничка група и опозициска партија не биле поканети да дадат придонес во преговорите за решавање на спорот за името.

– Јас како пратеник изјавувам дека немам намера да гласам против волјата на мнозинството на граѓани кои одлучија да се спротивстават на овој Договор со бојкотирање на референдумот. Немате двотретинско мнозинство за промена на Уставот. Тесен круг на политичари реши дека имаат мандат, визија и знаење дека може да го решат ова национално прашање и со тоа да ги извисат граѓаните. Се создава чувство дека решението е туѓо и наметнато и дека не извира од македонските инетереси, а Собранието и пратениците се доведени пред свршен чин  – рече Вељаноски.