fbpx

Вељаноски го прекина петтото продолжение, СДСМ повика на подобра Македонија без Груевски

-

Претседавачот на конститутивната седница на новиот собраниски состав, Трајко Вељаноски, во 17.05 часот го прекина петтото продолжение на оваа седница, кое мина во знакот на голем број процедурални забелешки, со многу малку кажано за членовите на Комисијата за прашања на изборите и за именувањата, и продолжението го закажа за понеделник во 11 часот.

На прекинот претходеше расправија преку процедурални забелешки и реплики меѓу Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од СДСМ, Петре Шилегов, Петар Атанасов и пензионираниот генерал Илија Николовски. Атанасов ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат седницата и да дозволат да се изберат претседател на Собранието и нова влада, а сите пратеници заеднички да работат за подобра Македонија „без Никола Груевски и неговата братија“.

Исто како вчера, на целото петто продолжение на конститутивната седница предничеа процедуралните забелешки од пратениците кои, всушност, се сведуваа на реплицирање, а во останатото време пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се јавуваа за збор за да зборуваат против албанската платформа.

На денешното продолжение на седницата беше третата точка, односно избор на претседател, заменик-претседател и членови на Комисијата за избори и за именувања. Но, за предложените кандидати беше кажано многу малку, а времето минуваше во препирки на двата спротивставени блока од македонскиот политички состав, при што колегите на Илиоски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата, повторно зборуваа за албанската платформа, напаѓајќи го притоа СДСМ дека поддржува разурнување на државните интереси и на интересите на македонскиот народ.

– Промена на државните симболи нема, промена на уставниот карактер на Македонија како унитарна држава нема, примена на двојазичност на целата територија на Република Македонија нема. За разлика од некои други, пратениците на СДСМ се луѓе со интегритет и не ги продаваат своите души – одговори Петре Шилегов од СДСМ на обвинувањата.

Со тоа не се сложува Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој кажа дека таквите оградувања се измама.

– Има јасни прецизни тврдења дека СДСМ има позитивен став спрема платформата. Сè уште има некои луѓе во Собранието кои викаат дека нема платформа. Едни ја читаат платформата, други викаат дека нема. Зар нема поголем доказ дека ова е измама? – рече Димовски.

Тој и Шилегов продолжија да си реплицираат и попладнето. Пратеникот од СДСМ, испровоциран од големиот број процедурални забелешки од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, при крајот на седницата, обраќајќи се со процедурална забелешка,  посочи дека се злоупотребува можноста за обраќање на пратениците, наместо да се зборува за членовите на комисијата, нејзиниот претседател и заменик-претседател. Притоа го критикуваше и претседавачот на седницата, Трајко Вељаноски, оти го дозволува тоа.

– Дискусиите како право на секој пратеник на оваа седница не се во функција на точката на дневен ред. На координацијата беа дефинирани членовите на комисијата и беше договорен претседателот токму, Илија Димовски. А нам ни се случува да реплицираат и да контрареплицираат на прашања што не се на дневен ред и Вие, господине Вељаноски, го толерирате тоа. Се изнаслушавме сè и сешто овие пет дена, само ништо за сите нас членовите и за Илија Димовски, претседател на комисијата. И наместо да зборуваме за суштината за формирање на новата власт, која граѓаните ја доделија со 67 мандати, зборуваме за претпоставки и за стравови на одредени пратеници. Ќе ве молам во име на Македонија, која сите од уста не ја вадиме на оваа седница, дозволете да ја избереме комисијата, да го избереме претседателот на Собранието, за да може да гласаме за програма на влада – рече Шилегов.

На тоа беше искаран од Вељаноски, кој иако првин го пофали дека е во право кога вели дека треба да се дискутира за членовите и претседателот и заменик-претседателот на Комисијата за изборите и именувањата, рече дека Шилегов ја злопотребувал процедуралната забелешка за да прекине дискусија кога се зборувало за него.

При крајот на седницата Петар Атанасов од СДСМ, по реплика на Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, повторно ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да престанат со реплики и да дозволат да се избере нова влада, а потоа сите пратеници во Собранието да работат заеднички за подобра Македонија, но, како што напомена, „без Никола Груевски и неговата братија“.

– Цели 110 денови ја блокирате Македонија без влада, првин не формириате влада, потоа не дозволувате да се формира влада. Ние бараме законска разврска, да се избере претседателот на Собранието, да се избере новата влада која има поддршка од 67 пратеници, треба да се почитуваат Уставот, законите и деловникот. Колега Илиевски, немојте да бидете дел од една погубна политика. Сите пратеници тука треба да градат подобра Македонија, но без Никола Груевски и неговата братија – рече Атанасов.

Во сличен дух претходно и најстариот пратеник во овој парламентарен состав, Бранко Маноиловски од ДУИ, повика да престанат расправиите, оти пратенициите се „прекрасни“ луѓе и треба да работат во интерес на граѓаните на Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...