fbpx

Ванхауте за „Мета“: Велосипедот нема да им го дадам во Музејот на ВМРО

-

Белгискиот експерт, Питер Ванхауте, кој ги олеснуваше преговорите за Договорот од Пржино и тие во работните групи, денеска си замина за Брисел. Договорот како независен експерт му завршува на 27 март, но тој најавува дека во Македонија се враќа на 4 април и вели дека ќе продолжи да работи и да ѝ помага на државата да оди напред.

За постигнатото на преговорите на работните групи вели дека е делумно задоволен и дека сè уште останува многу работа.

Ванхауте во вторникот доби одликување од амбасадорката на Кралството Белгија „Офицер во кралскиот ред“. За одликувањето вели дека му причинува огромно задоволство затоа што малкумина го добиваат.

Освен како преговарач, Ванхауте беше познат и по тоа што секаде одеше со својот велосипед за кој вели дека откако ќе заврши со работата во Македонија, сигурно нема да го донира во Музејот на ВМРО.

Изминатите неколку месеци стана редовен корисник на социјалната мрежа „Твитер“. Тој на фотографии од мачиња ги испраќаше своите сатирични пораки за состојбите во државата.

Договорот како независен преговарач Ви завршува, но сепак се враќате во Македонија. Доаѓате на посета или службено?

– Можам да кажам дека е комбинација од двете. Ќе продолжам да работам како независен експерт и ќе продолжам да барам решенија за проблемите со кои се соочувате затоа што верувам дека треба да се развие план за да се врати демократијата и затоа што има недостатоци во многу области како што се судството, јавната администрација, образованието, медиумите, финансиите… Сметам дека пред да се оди на избори, треба да се спроведат реформите. На пример, ајде прво да го поправиме парламентот, кој е целосно дисфункционален, а потоа да организираме избори. Убаво е што ДИК се согласи дека има гласачи што треба да се проверат, но проблемот се 500.000 сомнителни гласачи и треба да се најде начин да се реши тоа. Најпрво треба да се врати довербата на граѓаните во системот, а тоа не можете да го направите со тоа што ќе направите парцијална проверка на избирачкиот список. Мора да се справите со секоја поединечна жалба. Тоа што ќе се преправаме дека не постојат, не е добар почеток за да се реши проблемот.

piter zborot

Што го расипа Вашиот однос со ВМРО-ДПМНЕ?

– Дента кога Никола Груевски предложи да ме прогласат за персона нон грата, јас имав состанок со државниот ревизор и разговаравме за линкот меѓу политичкото финансирање и финансирањето на политичките кампањи. Во моментот кога се почнува политичка кампања, секоја партија отвора сметка и може да префрла пари од партијата на нивната сметка за кампањи. Прашањето е од каде доаѓаат парите, дали се тоа навистина пари на партијата или приватно или владино финансирање? Се загрижив кога ги видов сметките на ВМРО-ДПМНЕ за 2014 година. Она што го забележав е дека тие не се баш веродостојни. Да Ви дадам еден пример, вкупната сума платена за персонален данок е 197.000 денари. Според моите пресметки, со овие пари можеш да вработиш само една личност. Значи најголемата партија во државата формално има вработено само една личност? Тоа е проблем и може да имплицира дека во партијата работат луѓе платени од Владата. Јас им реков дека тоа е проблем и дека ако тие не го истражат, јас ќе го направам тоа. За оваа тема мора да се крене црвено знаме. Исто беше и со Агенцијата за електронски комуникации. Знаеме дека дадоа пари за панорамското тркало во Вардар и за кулата на Водно, но кога го читам законот, јас не гледам дека тоа е дел од нивната работа. Дали е ова злоупотреба на државни пари? Очигледно, тоа не му се допадна на ревизорот и се јавил во партијата. Истата вечер Груевски во интервју кажа дека јас треба да бидам прогласен за персона нон грата.

Дали за време на преговорите имавте притисок од Брисел, од политичките партии или од Владата?

– Притисок во заднината секогаш има. Мојата позиција е многу јасна. Јас сум независен експерт и преговарав со сите страни што беа вклучени: политичките партии, владата, медиумите, НВО и Брисел. Морам да признаам дека понекогаш луѓето не беа среќни со резултатите. На пример, беше навистина тешко да се постигне некаков напредок и за секој мал чекор имаше голем притисок. Јас, искрено, бев изненаден и не очекував дека вакви луѓе ќе преговараат во име на Владата. Ако некогаш се обидете да го решите проблемот со името, би рекол дека не би требало да се прави со оваа Влада, ви треба компетентна добра влада.

При последната посета на еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје добивме сосема различни изјави и ставови од двајцата. На што се должи тоа?

– Политичарите секогаш сакаат да одат на брзо решение за проблемот, а потоа проблемите ќе се решаваат попатно, како што ќе се појавуваат. Според мое мислење, во Брисел и денеска има многу слабо разбирање за концептот со кој вие се соочувате. Јас никогаш не сум бил толку шокиран од стравот што луѓето го чувствуваат. Не сум го видел ова во ниту една земја претходно. Застрашувачки е фактот дека повеќето институции се комплетно дисфункционални и не го прават тоа што би се очекувало да го прават, а има и екстремно високо ниво на корупција, па дури и во ИПА-фондовите. Тоа што јас им го кажав во јануари по посетата на комесарот е дека влегуваме во друга фаза на конфликтот и дека тој ќе станува само подлабок, а ситуацијата само полоша бидејќи не се обидуваме да го решиме конфликтот, туку само да одиме на избори. И што потоа? Што ќе се случи еден ден по изборите? Проблемот ќе биде решен? Не мислам така. Сите проблеми мора да бидат решени пред избори, затоа не се согласувам со мислењето на Брисел и мислам дека како независен експерт имам право на тоа.

Macki

На почетокот на преговорите не комунициравте многу со медиумите за потоа да почнете да се отворате, да праќате писмени изјави, покани за брифинзи и да користите социјални мрежи. На што се должи ова?

– На почетокот се обидувате да ја стекнете довербата на политичките партии и да бидете навистина дискретен. Се обидував да видам како ќе соработуваат заедно, тоа е прв чекор во процесот на преговори. Мојата улога беше да комуницирам со сите, политичките партии, граѓанското општество и медиумите. Главната причина беше тоа што секогаш мора да одржувате баланс. Во сите преговори има една страна која е помоќна и една која е послаба. Тоа што требаше да го направиме е секогаш да има баланс. Ако нема баланс, нема да може да има успешни преговори. Во еден момент забележавме дека доминантната страна на преговорите секогаш го окупираше и просторот во медиумите. Моравме малку да ја ослабиме посилната страна и да воведеме баланс. Ова се обидувавме да го направиме со тоа што праќавме и дававме изјави во медиумите за тоа што се случуваше на преговорите кои беа пообјективни од изјавите на која било политичка партија. Од оваа причина се приклучив и на социјалните мрежи.

Што ќе правите со велосипедот откако ќе си заминете?

– Јас не си заминувам засекогаш. Ќе се вратам и ќе продолжам да го возам, а ако некогаш престанам да работам тука, ќе го донирам некому, веќе имам неколку кандидати. Нема да оди во Музејот на ВМРО, тоа е сигурно.

Како ги доживеавте бомбашките напади во Брисел?

– Многу сум тажен за тоа што се случи во Белгија, но тоа е ефект од нешто и сите знаевме дека ќе се случи порано или подоцна. Oвие таканаречени терористи се луѓе од Белгија, од регионот, и знам дека интеграцијата на мигрантите и во мојата земја не е како што би требало да биде. Многу од нив живеат заедно во сиромашни соседства без никаква перспектива за пристојна работа и за соодветно образование. Тоа го гледам како еден од проблемите во заднина. Друг проблем е тоа што Белгија учествува во бомбардирањето во Сирија и во Ирак со што е вклученa во конфликтот. Исто така, малку сум скептичен за иднината, затоа што не можеш да решиш некој конфликт со тоа што едноставно ги бомбардираш или ги убиваш луѓето. Мора да се разговара  и да се најдат други решенија.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Контраспин: Силјановска не ги седна пензионерите во ложата на „Мапет шоу“

Контекстот во кој претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ја кажа репликата за „Мапет Шоу“, беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Самата реплика воопшто не се однесуваше на...