fbpx

Ванхауте постизборно напиша „Поуки за Македонија – демократија во изработка“

-

Поранешниот посредник на ЕУ во Договорот од Пржино, белгискиот експерт Питер Ванхауте, денеска на својот блог, по предвремените парламентарни избори од 11 декември, објави текст насловен „Поуки за Македонија – демократија во изработка (прв дел)“.

Во текстот тој наведува дека неважно е да сте најголема партија по изборите, особено во демократии со пропорционален систем и во ситуација кога немате мнозинство.

„По изборите од 11 декември, никој во Македонија нема апсолутно мнозинство, дури и партијата која се однесува како да има, не, нема! Уште полошо: партиите кои во изминатите години формираа влада изгубија голем дел од поддршката, вкупно 19 пратенички седишта. Во нормални демократии, ова не би се сметало за победа туку за голем пораз – сериозна изборна казна. Како резултат на тоа, ќе се повлечеш и ќе оставиш вистинските победници да формираат влада. Затоа што никој нема апсолутно мнозинство, ќе можеш само да се обидеш да формираш мнозинство со други партии. Тоа значи дека треба да бараш коалициони партнери, кои ќе сакаат да ти се придружат и да формираат мнозинство“, пишува Ванхауте.

Тој наведува дека партнери би можеле бидат некои од партиите кои претходно биле во владата, имајќи предвид дека се неопходни за стабилно мнозинство, но оти неопходно е да се изработи заедничка програма која нема да биде одраз на индивидуалните желби и да се направи соодветна поделба на власта.

„Мора да се согласуваш со своите коалициони партнери. Затоа мора заедно да напишете програма за која ќе се согласувате. Програмата не би требало да вклучува лични идеи, туку главните причини зошто граѓаните гласале за вас и нивните приоритети. Политичарите и нивните партии треба да им служат на граѓаните, а не на своите сопствени интереси. И на крај, треба да се поделат работните места: кој кое министерство ќе го добие, кој ќе биде премиер, а кој ќе биде претседател на Собранието. Неопходен е баланс меѓу политичките партии на власт: не можете да добиете сè. Не е здраво да ги соберете трите главни позиции (претседател, премиер и претседател на Собрание)“, смета Ванхауте.

Во однос на актуелната состојба по изборите, белгискиот експерт советува да се внимава со кого ќе се коалицира.
„Конкретното прашање во Македонија е: дали сакате да формирате влада со партија која им се заканува на граѓаните, која повикува на линч на луѓе кои имаат различно мислење или која е сведок на неправилности во изборите, која врши притисок на институциите, не дозволувајќи им нормално да функционираат? Која ви е гаранцијата дека оваа партија нема да ви се заканува на некој начин откако ќе формирате влада?“, пишува Ванхауте.

Тој, исто така, ги анализира двете опции, односно формирање влада од мали партии и формирање влада со голема партија.
„Можен заклучок од перспектива на малите партии: да формираме влада со малку помали партии. Барем, помалите партии во коалицијата ќе нè слушаат и ќе имаме постабилна влада, каде ќе имаме поголемо влијание, врз база на заедничката програма. Големите партии – „слонови“, имаат тенденција да ги прегазат малите партии и да им наметнат свои ставови за сè „затоа што ние сме најголеми“, што беше случај и со претходната влада“, вели белгискиот експерт.

Според олеснувачот, најздрава опција, по ваквите изборни резултати е најголемата партија да замине во опозиција за да се консолидира и да размисли што и како понатаму.

„Значи ли дека најголемата партија треба да отиде во опозиција? Да, тоа е сосема возможно. Опозицискиот лек вообичаено е здрава вежба за скромност и ви овозможува добро да размислите за своите позиции“, смета Ванхауте.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...