Рајнхард Прибе и неговиот тим експерти од денеска се во посета на земјава, во рамките на нивниот ангажман од страна Европската комисија да ѝ помогнат и да ја советуваат Владата во спроведувањето на системските реформи за владеење на правото.
Експертот на Европската Унија и неговиот тим денеска имале средба со претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. На средбата Вангеловски им ги презентирал неговите предлог-мерки за спорведување на реформите во судството.
„На средбата се разговараше за актуелната состојба во судството и за предлог-мерките за спроведување реформи во судството, подготвени од претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, за остварување на концептот за независно и непристрасно судство, како гарант на демократијата и на владеењето на правото, во функција на заштита на човековите слободи и права“, стои во соопштението од Врховниот суд.
Прибе претходно ја посети земјава на 27 јуни, кога, исто така, имаше средба со претседателот на Врховниот суд, како и со министри во Владата.
Тој заедно со целиот негов тим, како што најави и еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, во земјава ќе престојува до 21 јули.
Прибе со експертскиот тим во 2015 година го подготви извештајот со препораките поврзани со прислушуваните комуникации, а нивната работа придонесе за реформските приоритети што ги состави Европската комисија и кои беа вметнати во Договорот од Пржино.