!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Вангеловски ќе врши контроли во судовите за функционирањето на АКМИС


       
Скопје, 13 октомври, 2017 - 13:50 (META) 

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, вчера бил во Основниот суд Гевгелија за да изврши контрола во функционирањето на автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС) во судот, соопшти денеска Врховниот суд.

Од судот велат дека по добивањето на извештајот од анализата на функционирањето на АКМИС, ќе бидат „донесени соодветни заклучоци, за кои јавноста ќе биде информирана“.

Вакви посети во наредниот период се планирани во сите судови во Македонија, велат од Врховниот суд.

„Се работи за вообичаени активности во насока на подобрување на функционирањето на автоматизираниот систем за управување со судските предмети“, стои во соопштението.

Најавата за проверка на АКМИС во судовите од страна на Вангеловски доаѓа неколку дена откако комисијата што ја формираше Министерството за правда го заврши увидот во Кривичниот суд во Скопје, кој треба да покаже дали имало злоупотреби на автоматизираниот систем за управување со судските предмети, односно дали се местело одредени предмети да бидат распределени кај одредени судии.

Наодите од ревизијата на комисијата, како што е најавено, треба да бидат познати следната недела.

Инаку, од Врховниот суд не информираат зошто Вангеловски прв за контрола го одбрал Основниот суд во Гевгелија. Дел од медиумите шпекулираат дека посетата на Вангеловски на гевгелискиот суд е поради налогот што Специјалното јавно обвинителство го добило од овој суд за претрес на домот на судијата, Владимир Панчевски, кој е поранешен претседател на скопскиот кривичен суд.