!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Вакцинирани околу 100 лица кои биле во близина на заболените од мали сипаници


       
Скопје, 25 септември, 2017 - 13:26 (META) 

Центарот за јавно здравје Скопје (ЦЈЗ) информира дека за време на викендот биле вакцинирни околу сто лица, кои биле во непосредна близина на заболените од мали сипаници (морбили) и кои не се вакцинирани или немаат потврда за вакцинација на територијата на Општина Гази Баба, каде од петокот е прогласена ограничена епидемија.

„Екипи од ЦЈЗ – Скопје и од Институтот за јавно здравје заедно вршат и дополнителна проверка на вакциналните картони и ги повикуваат невакцинираните или нецелосно вакцинираните деца. Воедно, наложено е на сите здравствени домови во државата, приоритет да им биде вакцинација, односно ревакцинација во училиштата против морбили, рубеола и паротит“, велат од Министерство за здравство.

Ортаму додаваат дека екипите за имунизација, доколку има потреба, на територијата на поедини подрачја ќе вршат и теренска вакцинација, заради наоѓање непријавени и воопшто невакцинирани деца на територијата на Град Скопје.

Во меѓувреме, нема пријавени нови случаи на заболени со морбили ниту клинички, ниту лабораториски, а петте претходно регистрирани случаи се во добра здравствена состојба.