fbpx

Вајгл: Билатералните спорови не треба да бидат пречка за почеток на преговорите со ЕУ

-

Специјалниот известувач за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, на 10 јануари подготвил предлог-извештај за Европската комисија за напредокот на Македонија во 2016 година. Извештајот кон крајот на месецов ќе биде разгледан од Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот во Брисел.

Вајгл во извештајот препорачува почеток на преговорите за членство и изразува став дека билатералните спорови не треба да бидат пречка. Тој додава дека највисоките политички структури и институции на ЕУ би требало да развијат „нови иницијативи“ заедно со посредникот на ОН, Метју Нимиц, за да се стави крај на долготрајниот спор меѓу Македонија и Грција.

Специјалниот известувач наведува дека „реформите и подготовките за пристапување кон ЕУ се попречени од страна на политичката поларизација“ и забележува назадување во важни области, констатирајќи дека е потребна посветеност на клучни прашања во процесот на реформи, како што се реформи во судството, јавната администрација и во медиумите, невработеноста кај младите и преглед на Охридскиот договор.

Во врска со предвремените парламентарни избори, одржани на 11 декември, Вајгл го поздравува „почитувањето на фундаменталните слободи“ и ги повикува политичките партии да ги прифатат резултатите во интерес на стабилноста на земјата и за да нема назадување во решавањето на политичката криза.

Во однос на Специјалното јавно обвинителство, специјалниот известувач предлага Европскиот парламент да изрази загриженост за нападите и за опструкцијата на работата на обвинителството и за недостигот од соработка од други институции. Според документот, Брисел треба да изрази загриженост и за тоа што борбата против корупцијата се поткопува од политичко мешање, но и да ја нагласи потребата да се зајакне независноста на полицијата, обвинителството и на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Словенечкиот европратеник предлага Европскиот парламент да покаже загриженост „за радикалните и неоправдани јавни напади врз граѓанските организации и странските претставници од страна на политичари и на медиуми“, при што се забележува „ограничена посветеност на владата и недоволна соработка со граѓанските организации на сите нивоа“.

Во предлог-резолуцијата се изразува загриженост во врска со слободата на изразување и медиумите, употребата на говор на омраза, политичко влијание и притисок, вклучително и преку владините реклами, иако истите повеќе од година и пол ги нема во македонските медиуми. Но, европратеникот Вајгл предлага да се повика Владата да осигури дека нема да има застрашување или насилство врз новинарите, но ќе има истрага што одговорните за таков чин ќе ги донесе пред лицето на правдата.

Предлог-резолуцијата ќе биде презентирана пред Европскиот парламент, а пратениците ќе имаат можност да поднесат амандмани за извештајот до 7 февруари. Главната дебата и гласање за резолуцијата на Европскиот парламентот за Македонија е планирано да се одржи на пленарна седница на 14 и 15 март во Стразбур.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Таткото на Вања Ѓорчевска оди во домашен притвор

По речиси пет месеци во притвор, Врховниот суд одлучи таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, да оди во куќен притвор. „По одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот...