Утре тематска владина седница посветена на младинските политики


       
Скопје, 19 март, 2018 - 16:10 (META) 

Владата утре ќе одржи 59. седница која ќе биде тематска, односно посветена на младински политики кои Владата ги имплементира и ќе ги имплементира во иднина.

„На оваа седница и претходеа серија на отворени координативни средби, организирани и координирани од страна на Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Владата, кои преку средбите и широка јавна расправа, отворија простор за предлог-политики на младинските организации. На седницата, покрај младинските политики кои ги имплементира Владата, заедно со претставници на младинските организации, ќе ги разгледуваат доставените, предлог – политики, посветени на унапредување и подобрување на животот на младите во земјава“, се вели во соопштението на Владата.

По завршувањето на седницата, премиерот Зоран Заев, ќе одржи прес-конференција, со почеток во 14. 30 часот.

Дневниот ред на седницата не е објавен на сајтот на Владата. Портпаролот Миле Бошњаковски минатата недела информираше дека се укинува досегашната практика на сајтот на владата, пред седниците да се објавува дневниот ред и сите точки кои би биле разгледувани. Тоа, како што објасни, од сега ќе се прави во текот на седницата кога дневниот ред ќе биде усвоен.