This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Wed Jul 18 12:38:56 2018 / +0000 GMT

Утре Брисел ќе препорача отворање на преговори со Македонија




Европската комисија повторно препорачува отворање на пристапните преговори со Македонија, а извештајот за напредокот на земјата е меѓу попозитивните во овој пакет на Брисел, кој, како што стои во извештајот, „јасно ја препознал политичката волја за напредок“, јави Радио Слободна Европа (РСЕ), чии дописници од Брисел имале увид во документот што ќе биде објавен утре во Стразбур.

Во него се предупредува дека „штетата која се правела години наназад, не може да се среди преку ноќ“, но дека земјава ја надминала длабоката политичка криза и дека структурните реформи се долг процес кој може да потрае.

Според РСЕ, во извештаите невралгични точки во сите држави од Западен Балкан остануваат владеењето на правото, организираниот криминал и корупцијата, како синоними за секоја држава во регионот. Исто така, ЕК повторно во повеќе наврати го користи изразот „заробени држави“, со забелешка дека јавната управа во државите од регионот останува слаба, и малку или воопшто нема прогрес на полето на слобода на изразување.

Како и во минатогодишните извештаи, повторно се нагласува дека билатералните спорови и понатаму се главни пречки во процесот на евроинтеграција.

За Македонија во нацрт-извештајот се нагласува дека за понатамошен напредок на државата одлучувачки фактор е задржување и продлабочување на динамиката во процесот на итни реформски приоритети. ЕК изразува подготвеност да го поддржи тој процес со примена на засилен пристап за преговарачките подрачја за судството, основните права и слободи и слободата и безбедноста на државата.

Post date: 2018-04-16 10:08:45
Post date GMT: 2018-04-16 08:08:45
Post modified date: 2018-04-16 10:08:45
Post modified date GMT: 2018-04-16 08:08:45

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com