Уставните судии расправаат за уставноста и законитоста на референдумот


       
Скопје, 19 септември, 2018 - 10:59 (META) 

Уставниот суд ја почна седницата на која треба да се одлучува за уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година.

На седницата присуствуваат претставници на политичката партија „Левица“ и од Светскиот македонски конгрес, кои се подносители на иницијативите, а судија известител е Елена Гошева која го образложува предметот.

Подносителите сметаат дека одлуката за референдумот не е во согласност со Уставот на РМ, Законот за референдум и другите облици на непосредно изјаснување на граѓаните, како и со воспоставените европски стандарди и добри референдумски практики утврдени од страна на Венецијанската комисија.

Тие бараат Уставниот суд целосно да ја поништи одлуката за референдум, а доколку одлуката ја донесе по референдумот, тогаш да ги поништи резултатите.

Гошева рече дека има услови судот да поведе постапка за оценување на уставноста на одлуката и да се донесе временска мерка за стопирање на активностите поврзани со референдумот. Како свои аргументи таа наведе неколку спорни елементи кои според неа се противуставни, меѓу кои дека прашањето е збунувачко, дека не може да се распише консултативен референдум за стапување во воени сојузи, дека граѓаните не може да се одлучат, на пример ДА за НАТО, НЕ за ЕУ или слично.

Уставниот судија Осман Кадриу смета дека одлуката не може да се каже дека е незаконска бидејќи е донесена со мнозинство гласови од законодавните органи. Тој додаде дека задолжителен референдум се одржува за членство во сојузи, излез од сојуз или промена на границите, но, како што рече тој, ЕУ не е сојуз, додека НАТО е политички и воен, но не и државен сојуз.

– Не се согласувам со поднесоците и го молам Уставниот суд да не продолжи кон оценка за уставноста на референдумот – рече во дел од своето излагање уставниот судија, Дарко Костадиновски.