fbpx

Урбанизацијата на Студеничишко блато е геноцид врз живиот свет

-

„Несфатливо е охриѓани да бидат против своето природно богатство, со режија, со инструираност, со навреди. Дно! Тажен и срамен ден за Охрид во Советот. Единствена светла точка е што го ставивме заклучокот на Владата кој, без разлика на хектарите, покажува дека постои остатокот од блатото и дека треба да се стави под строга заштита.“

Со ваква, жестока оценка за работата на вчерашната седница на Советот на Општина Охрид, излезе советникот од мнозинската партија ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Паноски, кој ја води македонската страна во Мешовитиот комитет за заштита на Охридско Езеро, заедно со Албанија.

Неговото име во јавноста стана актуелно откако поранешниот заменик-министер за здравство, Владимир Лазаревиќ, обелодени дека Паноски, тогаш во својство на државен секретар во Министерството за заштита и просторно планирање, на владина седница, му се спротивставил на премиерот Никола Груевски во врска со неговите предлози да се сече трската во езерото и околу него да се подигнуваат ѕидчиња, за водата да не ја растура морската сол што имале намера да ја донесат од Грција!

– Јас сум советник од ВМРО – ДПМНЕ, партијата која во својата програма зацрта проект за заштита на остатокот од Студенчишко блато и јас сè уште стојам на тоа бидејќи и јас имам учествувано во изработката на таа програма. Нема да гласам за ниту еден генерален урбанистички план или детален урбанистички план, па макар тоа било и последната седница на совет на која што ќе учествувам каде што ќе се наруши природното наследство на охридскиот регион – рече Пановски на седницата на Советот, на која се расправаше за постапките, условите и текот на урбанизацијата на локалитетот Студенчишко блато.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Пановски, побара заклучокот на Владата кој се однесува на прогласувањето на четири-пет хектари земја како заштитена зона, да стане составен дел од информацијата за Студенчишко блато и подвлече оти тоа треба да се земе предвид при идното планирање на овој простор.

Општинскиот секретар Димитар Спасески, пак, смета дека е апсолутно неточно тврдењето оти на овој простор постои блато бидејќи, како што рече, тоа почнало да се уништува уште во 70-тите години од минатиот век.

– И институцијата која е најповикана да одговори на ова прашање, Хидробиолошкиот завод, излезе со став дека на тој дел имаме еден неуреден простор којшто личи на сè освен на блато. Среќни сме што нашето дејствување во овие две години успеа да ги отвори видиците и еднаш засекогаш да ја надминеме бариерата дека на тој простор има функционален систем, блато, во кој живее жив свет и е природен филтер на езерото – вели Спасески.

Намерите на власта, на просторот на Студенчишко блато да се градат пристаништа, хотели и други слични објекти, затоа што таму немало жив свет, а го уништила претходната власт, на седницата ја поддржа претставникот на Хидробиолошкиот завод, Ленче Локоска. Но, така не мислат останатите вработени. Д-р Трајче Талевски, кој стручно и научно се занимава со проблематиката, даде поинаква оцена.

– На седницата на Советот на град Охрид, науката беше ставена во служба на политиката. Беше извалкано името на најстарата научна институција во Република Македонија, Хидробиолошки завод. Беше негирана работата на Институтот и на плејада научни работници кои работеле и сè уште работат на истражувања на охридското блато. Ова е пресвртницата во работењето на Хидробиолошки завод – рече д-р Трајче Талевски од Хидробиолошкиот завод.

Гласност и отпор околу постапката за урбанизација на блатото покажаа и советниците од опозицијата. Координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски, вели дека во однос на Студенчишко блато е изработена студија која не е прифатена од Владата и не е ревидирана и токму затоа, јавноста нема точни информации за блатото.

– Целта ни е да се направи студија што ќе биде прифатена и од Владата, да се знаат точно кои се границите на Студенчишко блато. Она што ќе биде прва зона да биде прогласено за споменик на природата – вели Стојаноски.

Советникот од ЛДП, Дејан Блажески, напоменува дека битката за Студенчишко блато е граѓанска, а не лична.

– Блатото е срцето на градот и не смееме да дозволиме таму да никнуваат никави градби – вели Блажески.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Со 78 гласа „за“, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите. Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање...