Унгарскиот и словачкиот амбасадор: Очекуваме Македонија да ги почне преговорите со ЕУ


       
Скопје, 20 јуни, 2018 - 13:01 (META) 

Очекуваме добри вести идната недела, Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Ќе помогнеме колку што можеме зашто земјата треба да стане полноправен член што поскоро, а договорот со Грција е само дополнителен, силен поттик во оваа насока, рекоа денеска амбасадорите на Унгарија и на Словачка во Македонија, Ласло Дукс и Хенрик Маркуш, на прес-конференцијата по повод примопредавањето на претседателството со Вишеградската група.

И Дукс и Маркуш напоменаа дека Вишеградската четворка е силен поддржувач на проширувањето на ЕУ. За членството на Македонија, времето е повеќе од вистинско, а изборот е јасен.

– Отворањето на преговорите треба да почне во секој случај иако Договорот со Грција дава дополнителен, огромен придонес во оваа насока. Жалиме што процесот на преговори не почна уште пред многу години – истакна амбасадорот Маркуш, одговорајќи на новинарско прашање.

Унгарското претседателство официјално завршува на 30 јуни по што го презема Словачка на 1 јули.