УЈП ќе ги гледа само приходите, странските дознаки нема да се оданочуваат


       
Скопје, 15 август, 2018 - 16:28 (META) 

Управата за јавни приходи (УЈП) и сега, со писмено барање, добива увид во приливите на сметките на граѓаните, а со измените на законот за банките тоа ќе го има автоматски на располагање. Но, нема да може да ги следи автоматски исплатите од сметките на граѓаните, а ако сака такво нешто, ќе мора да поднесе писмено барање.

Со такво образложение за новиот Закон за банките излезе денеска Министерството за финансии (МФ), појаснувајќи дека со законските измени повторно исто како досега ќе се третираат приливите од странство, односно странските дознаки, како подароците и помошта во пари, но и личните трансфери – од една на друга сметка на граѓанинот, нема да се оданочуваат и во иднина, исто како што е случај сега.

МФ и УЈП денеска одржале состанок со Македонската банкарска асоцијација (МБА) во врска со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за банките, при што се договориле да се прецизираат овие одредби во новиот текст на Законот. УЈП ќе биде известувана за секоја уплата, оти тоа е потребно за изготвување на даночните пријави на граѓаните, велат од МФ.

„Управата и со постоечкиот закон добива податоци за сметките на граѓаните на писмено барање. Со промените би се добивала само приходната страна по автоматизам, за останатите податоци Управата и понатаму ќе мора да поднесе писмено барање. Трошењата на граѓаните и состојбата на сметката не и се потребни на УЈП за изработка на претпополнетата даночна пријава“, стои во соопштението.

Податоците кои ќе ги добива УЈП ќе бидат „енкриптирани“ со цел да се заштитат личните податоци на граѓаните.

Промените ќе стапат на сила од почетокот на 2019 година, бидејќи се неопходни за да стартува процесот на претпополнета годишна даночна пријава, односно УЈП да прави пресметки и даночна пријава, а потоа да ја даде на увид на граѓанинот и тој да изврши корекција, ако има потреба од тоа.