Учеството во Давос беше плодотворно и успешно, оцени Заев


       
Давос, 26 јануари, 2018 - 16:39 (META) 

Премиерот Зоран Заев, учеството на македонската делегација на Светскиот економски форум во Давос го оцени како плодотворно и успешно, информираат од Владата.

„Политичките пријатели на Македонија и потенцијалните бизнис-инвеститори ни упатија јасна порака дека реформите се клучни за економски просперитет. Како што истакнуваат светските лидери, мораме да внимаваме на развојот на локалните заедници. Мораме да вложуваме во вештините на луѓето и да гарантираме безбедна работа дома. За тоа се зборува овде во Давос. За тоа ќе работиме и кај нас дома“, изјави Заев по завршување на Самитот во Давос денеска.

Тој додаде дека Форумот е од особено значење за државата, бидејќи по повеќегодишна изолација, политичките лидери на Македонија и на регионот повторно присуствуваа на глобалната економска и политичка сцена.

„Нашиот став тука е слушнат, Западен Балкан создава сплотена иднина во ЕУ и НАТО. Овде во Давос, земјите кои се во развој имаат уникатна можност да учат и да добијат инспирација од светските економски лидери, односно од оние кои го трасираат патот на развојот на светот. Интеграцијата на Македонија надвор, реформите и економските мерки дома, се клучни за развој и за внатрешен напредок на нашата држава“, додаде Заев.

Во рамките на Светскиот економски форум во Давос, тој се сретна со премиерите на државите од регионот како и со претставници од Европската банка за обнова и развој, Светска банка, „Мајкрософт“, „Филипс“ и со еврокомесарот, Јоханес Хан.