Уапсени двајца албански државјани со 38 килограми марихуана кај Меџитлија


       
Скопје, 4 декември, 2017 - 12:44 (META) 

Екипа на граничната полиција викендов, во близина на преминот Меџитлија, привела двајца албански државјани кои се обиделе да прошверцуваат 38 килограми марихуана, преку Македонија во Грција, соопшти денеска МВР.

Според полиција, станува збор за Р.А. (45) и Б.Г. (33), и двајцата од Република Албанија, против кои е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори. Судија на претходна постапка од битолскиот суд, на барање на Основното јавно обвинителство, на осомничените им одредил притвор од 30 дена. Третото лице кое било дел од групата, според МВР, успеало да ѝ побегне на полицијата.

Според истрагата на МВР, осомничените ја набавиле марихуаната во Албанија и откако ја препакувале, тргнале преку Македонија да ја транспортираат во Грција.

Ноќта меѓу саботата и неделата, екипа од полициската станица за граничен надзор Меџитлија, ги забележала тројцата албански државјани во близина на напуштената караула Лажец, но по дадената наредба од полицијата да застанат, тие почнале да бегаат.

По кратко време Р.А. и Б.Г. биле фатени во близина на граничната линија, со две торби со марихуана, додека третото лице успеало да избега.

„Од извршената анализа утврдено е дека во торбите има 38 најлонски пакувања со марихуана со вкупна нето-маса од 38,1 килограми. Во торбите имало и 201 грам хашиш и околу 350 милилитри хашишова смола“, стои во соопштението на МВР.