!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Туск: Има напредок со Британија околу прашањето за Ирска


       
Брисел, 4 декември, 2017 - 20:23 (META) 

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека преговорите за излегување на Велика Британија од ЕУ се доближуваат до напредок во врска со прашањето на статусот на границата со Ирска.

Туск на „Твитер“ наведе дека е охрабрен од разговорите со премиерот на Ирска и дека е остварен напредок за декемврискиот самит на ЕУ.

Преговарачот на Европскиот парламент, Ги Верхофстат, рече дека во следниот период е можен договор за ирската границата, за сумата која Лондон треба да ја плати за напуштање на ЕУ, како и за правата на граѓаните по излегувањето на Велика Британија од Европската Унија.

Британската премиерка Тереза Меј денеска се сретна со властите во ЕУ во обид да се финализира договорот во очи самитот на ЕУ на крајот на следната недела.

Статусот со границата со Ирска е спорна точка затоа што тоа е единствената копнена граница на Велика Британија. Ирската влада бара гаранции дека нема да има царински пунктови на границата со Северна Ирска и дека движењето на луѓето и на стоката нема да биде променето по Брексит.