fbpx

Туск до Иванов: Најдете решение засновано на демократски принципи и на здрав разум

-

„Кризата ја носи земјата наназад и ваша задача е да најдете решение што ќе биде засновано на демократски принципи, пристојност и на здрав разум. Само такво решение ќе биде одржливо. Кога ќе го најдете, можете да сметате на нашата поддршка“, изјави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, на заедничката прес-конфренција со својот домаќин, претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

Како што рече Туск, ова е одговорот на писмото што Иванов на почетокот на март го испрати до него, до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и до претседателот на САД, Доналд Трамп.

– Овде дојдов со силна порака од лидерите и од институтциите на ЕУ. Посветеноста на ЕУ на вашата европерспектива е недвосмислена. Во вашата земја е потребно единство. Се надевам дека ќе избегнете сè што може да поттикне тензии, особено мултиетнички – рече Туск.

Иванов на прес-конференцијата истакна дека неговиот став останува непроменет и дека правната и политичката пречка мора да бидат отстранети за тој да го додели мандатот за формирање на владата.

– Мојата одлука е превентивна за да спречиме можни последници. Уценета влада значи нестабилна влада со краток век на траење – рече Иванов.

Тој истакна дека ЕУ е гарант на два договори во земјава – Охридскиот рамковен договор и Договорот од Пржино.

– Прва точка на дневен ред на партиите и на пратениците треба да бидат европските реформи, а не туѓи платформи, кои ја загрозуваат независноста на земјава, ги нарушуваат добрососедските односи, поттикнуваат тензии и бараат промена на Уставот. Затоа за Република Македонија ѝ се потребни европски реформи на туѓи платформи. Само реформите ќе ни помогнат да ги искорениме политичките кризи. Но, тоа не е само наш предизвик, туку и на добар дел од регионот. Затоа ЕУ треба да најде начин да ги отвори поглавјата 23 и 24 за судството, правото и за безбедноста – рече Иванов, додавајќи дека за да се спречи блокирањето на евроинтеграциските процеси, ЕУ треба да најде начин да се спречат уцените од билатералните прашања.

На средбата Иванов и Туск разговарале и за мигрантската криза, актуелните мигрантски движења и за заострените односи меѓу ЕУ и Турција.

Иванов и Туск изразија благодарност за соработката меѓу Македонија и Европската Унија во справувањето со мигрантската криза, која ќе продолжи и во иднина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...