!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Турците вчера пред да телефонираат мораа да го слушаат Ердоган


       
Анкара, 16 јули, 2017 - 13:55 (META) 

Обидот да се повика мобилен број во Турција вчера доведуваше до неочекуван соговорник – гласот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. По вртењето на бројот, пред да почне воспоставувањето на врската, повикувачот првин ја слушаше снимената аудиопорака од претседателот, а дури по нејзиниот крај почнуваше вртењето на бројот, јавуваат турските медиуми.

Во пораката, Ердоган им го честитал на повикувачите „националниот празник на демократијата и на единството“, со кој се одбележа првата годишнина од неуспешниот пуч.

„Како претседател, испраќам честитки за 15 јули – Денот на демократијата и националното единство и посакувам милост за мачениците, а на хероите (кои се бореа против пучистите) здравје и благосостојба“, гласи пораката која траеше 16 секунди.

Дека нарачката за оваа „услуга“ ја направила државата, на својот твитер-профил потврди Омер Фатих Сајан, директор на Комисијата за информации и комуникациски технологии (БТК).

Овој потег предизвика гнев кај многумина корисници, а многумина критикуваа и објавија видеоснимки на кои се гледа како мора да почекаат да заврши пораката пред да може да разговараат.