Турски авион принудно слетал во Украина поради сомнителна торба во тоалетот


       
Одеса, 31 октомври, 2017 - 19:37 (META) 

Турски авион „ербас А320“, кој полетал од меѓународниот аеродром „Домодедово“, југоисточно од Москва, извршил принудно слетување на украинскиот град Одеса, јавуваат украинските медиуми.

Шефот на регионалната полиција во Одеса, Руслан Форостјак, соопшти дека одлуката за принудно слетување е донесена откако сомнителна торба е пронајдена во тоалетот на авионот.

– Еден патник се жалел на стомачни тегоби и останал малку подолго во тоалетот, што на членовите на екипажот им било сомнително – рече Форостјак.

Шефот на регионалната полицијата додаде дека сомнителна торба е пронајдена при претресот на тоалетот. По проверка на торбата е утврдено дека во неа се наоѓаат само личните работи на патникот и оти во неа немало никаква опасна направа.