!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Турската амбасада го осуди однесувањето на Латас и најави контрамерки


       
Скопје, 11 февруари, 2016 - 14:01 (META) 

Турската амбасада денеска со осуди однесувањето на главниот и одговорен уредник на телевизија „Сител“, Драган Павловиќ – Латас, и најави дека турската дипломатија ќе интервенира пред македонските органи за вчерашниот инцидент.

„Овој израз полн со омраза и со злоба, во иста мера го возвраќаме кон именуваното лице, кое, во основа, и порано покажало смелост во своите разни емисии и изјави да користи навредливи изрази кон високите раководители на Република Турција и на Турците. Со жалење го примивме овој недоличен израз упатен кон Република Турција и кон турската заедница, која прва ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име и ја поддржува оваа братска и пријателска земја на секое поле“, стои во реакцијата на Амбасадата на Република Турција во Македонија.

Од Амбасадата велат дека и покрај извинувањето на Латас, тој не може да ја надомести штетата од ваквиот недоличен став.

„Ја покануваме телевизија „Сител“, која му дала висока раководна функција на ова лице, да постапи во согласност со објективното новинарство и во рамките на правичноста и кон именуваното лице да ги преземе соодветните мерки. Во врска со овој неприфатлив став, во тек се и интервенциите пред органите на Македонија“, се вели во реакцијата на Амбасадата на Турција.