Туристичките работници се соочуваат со нелојална конкуренција и сива економија


       
Скопје, 11 декември, 2017 - 15:45 (META) 

Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија ќе поднесе иницијатива за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност и Законот за угостителска дејност, за да се намалат нелојалната конкуренција и сивата економија во овој сектор, но и да се подобри квалитетот на услугите.

Заменик-претседателот на Здружението, Славе Сирачевски информираше дека ќе се предложи обновување на лиценцата за работа по одреден период од две или три години, за да се обезбеди систем на самоконтрола на пазарот.

– Здружението иницира измена и на процесот на исплата на субвенциите, бидејќи постапката е сложена и обемна, со многу непотребни детали, поради што доаѓа до доцнење во исплата на субвенциите – изјави Асим Мемедовиќ, член на Здружението.

Измени и дополнувања, туристичките работници предлагаат и во делот на дефинирање на работата на туристичките водичи. Во угостителството, Здружението предлага да се направи категоризација на сите угостителски објекти за сместување.

– Тоа подразбира дека освен сегашната категоризација за хотели, мотели и пансиони, од исклучителна важност е да се категоризираат туристичките апартмани, планинарски и ловни домови. Најголемиот проблем во моментов е непостоењето категоризација на апартманите – посочуваат од Здружението.

Туристичките работници, нелојална конкуренција имаат и во продажбата на аранжмани преку онлајн-платформите.

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, во првите девет месеци годинава, во однос лани, бројот на туристи е зголемен за 16,7 проценти, а бројот на ноќевањата е зголемен за 12,4 проценти.

Најмногу туристи има од Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Германија, Бугарија, Полска и Грција. Согласно политиката на субвенционирање, од 2010 година заклучно со 2017 година ќе бидат исплатени 11,9 милиони евра.