Тунтев: Мицкоски е антизападен лидер, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат „за“


       
Скопје, 18 октомври, 2018 - 13:45 (META) 

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, денеска на прес-конференција во Собранието рече дека гласањето за предлогот на владата да се направат промени во Уставот најверојатно ќе се одржи утре и уште еднаш истакна дека се надева на обезбедување на двотретинско мнозинство.

-Како пратеници имаме можност во Собранието да ги донесеме измените кои ќе го зајакнат нашиот идентитет и да ни обезбеди подобра иднина која ја чекаме 27 години. Ние сите пратеници од СДСМ ги повикуваме сите пратеници од опозицијата, особено од ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат на тој процес. Алтернатива не постои. Македонија и припаѓа на западот, без разлика што Мицкоски има проблем со тоа. Ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски е исто, можеби и полошо од минатото на Груевски. Тој ја срамоти државата и се расправа со нашите најголеми стратешки партнери. Затоа народните избраници имаат шанса да се издигнат над ставот на антизападниот партиски лидер,и да се приклучат кон европска иднина. Доколку ВМРО-ДПМНЕ ја блокира одлуката и Договорот од Преспа, тогаш ќе пристапиме кон предвремени парламентарни избори организирани веднаш. Јас се надевам дека до тоа нема да дојде, и дека ќе имаме двотретинско мнозинство – рече Тунтев.

Тој додаде дека доколку има парламентарни избори, тие ќе бидат без „пржинска влада“ затоа што се вонредни и нивната суштина ќе биде дали Коалицијата „За европска Македонија“ ќе има 80 пратеници по нив.

На прашање дали оставката на Коѕиас во Грција ќе имаат некакво влијание, Тунтев рече дека и покрај сите политички случувања во Грција, имаат порака и поддршка да ја продолжат постапката.