fbpx

ЦУК: Состојбата е стабилна, но ниската температура е нов ризик-фактор

-

Управувачкиот комитет за кризи на денешната седница заклучи дека состојбата во Македонија со невремето предизвикано од неповолните метеоролошки услови е генерално стабилна, но оти сè уште простојат ризици за негативен развој на настаните, особено од ниската температура што може да предизвика проблеми во снабдувањето со електрична енергија и со вода, како и во сообраќајот.

Портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, рече дека надлежните служби прават сè што е во нивна моќ на централно и на локално ниво за да се надминат предизвиците со кои се соочува земјата. Тој рече дека од денеска во следните денови главен предизвик со кој ќе се справуваат е ниската температура, која создава проблеми со здравјето на населението, снабдувањето со електрична енергија и со водоснабдувањето, како и со движењето на лицата и со сообраќајот.

Ѓорѓиев рече дека институциите остануваат подготвени во секој момент да дејствуваат и на секој дел од теренот и да сторат сè што е во нивна моќ за да се сведат ризиците на минимум и последиците да бидат надминати во краток временски период. Тој истакна дека на сила остануваат препораките и законските обврски за движење во сообраќајот и нагласи граѓаните кои мора да патуваат, тоа да го прават во периодот од денот кога има повисока температура.

„ЕВН Македонија“, како што рече Ѓорѓиев, во текот на минатата вечер имале поголем број интервенции во западниот дел од земјава, а во моментов работат на санирање на проблемите во некои од планинските села во источниот дел од Македонија. Според податоците на „ЕВН Македонија“, потрошувачката на електрична енергија за разлика од вчера, кога беше повисока за 5 отсто од вообичаеното, денеска е зголемена за 10 отсто. Тоа, како што соопштиле од „ЕВН Македонија“, може да предизвика проблеми со снабдувањето, поради што се препорачува граѓаните рационално да ја користат електричната енергија.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) истакнаа дека магистралните патишта во земјава и во најголем дел регионалните се проодни во зимски услови и отежнато. Авионскиот и железничкиот сообраќај се одвиваат редовно, освен на делот од пругата од Велес кон Кочани, каде од синоќа од 21 часот има наноси на снег.

– Меѓуградските линии се одвиваат редовно, со задоцнување од половина час до час, а забрани за сообраќај за тешки возила засега има на планинскиот превој Маврово, но забраните во текот на денот повторно може да стапат на сила, бидејќи од час на час состојбата се менува. На бесплатниот телефонскиот број на ЦУК за итни повици 195, во последното деноноќие имавме околу 60 повици, кои во најголем дел беа од инфромативен карактер – рече Надица Вчкова од ЦУК.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...