!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

ЦУК: Состојбата со невремето е стабилна, иако има завеани патишта


       
Скопје, 6 јануари, 2017 - 17:23 (META) 

На денешната седница на Управувачкиот комитет за кризи, беше заклучено дека состојбата со невремето предизвикано од неповолните метеоролошки услови, генерално е стабилна.

Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК) рече дека состојбата на патиштата се менува во зависност од тоа колкава е снежната покривка, но и поради ниската температура.

– Во моментов сообраќајот е во прекин на патот Штип – Велес кај местото Три чешми, бидејќи товарно моторно возило го попречило патот, како и на неколку патни правци кои водат до планински села на повисока надморска височина – рече Вчкова.

Таа додаде дека не се проодни патиштата кон Танушевци, Малино, Брест и Чучер – Сандево во Скопско, како и кон селата во општините Долнени, Старо Нагоричане, Куманово, Струга, Штип, Карбинци, кои како што истакна, вообичаено не се проодни секоја зима кога има поголем снежни врнежи.

– Во Кочани, во прекин е регионалниот пат кон викенд-населбата Пониква, а забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на планинските превои Стража, Маврово, Пресека и Ѓавато – додаде Вчкова.

Раководителот на службата на Итната медицинска помош, Анета Димоска, истакна дека во текот на вчерашниот ден во Скопско имале 149 интервенции од кои четири скршеници на јавно место, две сообраќајки со двајца повредени и едно лице во хипотермална состојба.

Портпаролот на ЕВН, Атанас Ковачевски, рече дека енергетскиот систем генерално е стабилен, со мали проблеми во руралните средини.

Тој апелираше граѓаните рационално да ја користат електричната енергија и да не ги вклучуваат во напон поголемите потрошувачи одеднаш за да се избегнат испади во системот.