„ЦРТА“: На Балканот, медиумите во Македонија најмногу цитираат „неименувани извори“


       
Белград, 16 август, 2018 - 12:52 (META) 

Најголем број медиумски објави без цитирање извор имало во Србија, а најголем број на објави со цитирани „неименувани извори“ имало во Македонија, односно, такви биле дури 43 отсто од објавите, покажува истражувањето на српската невладина организација „ЦРТА“ спроведено од 14 мај до 10 јуни оваа година.

Интересно е дека, според истражувањето, присутноста на Русија во медиумите е најмало во Македонија во однос на Србија и Црна Гора, па и во Босна и Херцеговина.

Медиумски објави во Србија на кои не им е познат изворот најчесто се насочени про-руски и анти САД, а во Македонија најчесто се про-ЕУ, а во тој период немало про-руски објави.

Премиерот Зоран Заев бил најцитираниот политичар во Македонија во мај и јуни.

Во истражувањето бил применет компаративен пристап на Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина и Србија на 5.553 медиумски објави од дневни весници, портали, информативни и утрински програми, а анализирани биле теми како политика, војска и вооружување, економија, Косово, култура, човекови права и здравство.

Клучна тема во Македонија во тој период била политиката, каде што ЕУ, САД и НАТО повеќе се присутни во позитивно светло (39%), отколку во негативно (20%).

Втора по застапеност тема била војската, а трета економијата.

За време на самитот ЕУ и Западен Балкан одржан на 17 мај, во Македонија медиумите најчесто заземале про ЕУ став (41%), ЕУ неутрално се известувало во 30 отсто од случаите, додека анти ЕУ се известувало во 12 проценти.