Црна река го поплави Бараковско Поле и населени места во Демир Хисар


       
Демир Хисар, 5 февруари, 2018 - 10:02 (META) 

Обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на голем број реки, кои поплавија  населени места во Тетово, Кичево, Македонски Брод, Демир Хисар. Вчера, Црна река во демирхисарско се излеа од своето корито и го поплави Бараковско Поле.

Градоначалникот на општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски информираше дека синоќа во соработка со месното население и ЈКП „Комуналец“, го расчистиле свлечиштето што го прекрил со кал локалниот пат во село Вирово, а пружена е помош во санирање на последиците од поројните дождови и на патот за селото Мало Илино.

Водостојот на реката Црна е зголемен кај селата Долеци и Бучин каде има излевање на водата од речното корито, ново свлечиште е регистрирано во непосредна близина на селото Базерник, а внимателно треба да се вози и на патниот правец Граиште – Будаково.