ЦРМ: Процесот на медиумски реформи мора да продолжи


       
Скопје, 13 јули, 2018 - 13:50 (META) 

Центар за развој на медиуми (ЦРМ) и група експерти за медиумски политики апелираат до сите политички партии да се заложат за итно започнување на реформите во медиумскиот сектор ветени со договорот од Пржино од 2016 година и поставени како барања од Европската комисија во документот Итни реформски приоритети.

„Реформите во медиумскиот сектор се предуслов за ослободување на медиумите и јавноста во Македонија и за сигурно започнување на бескомпромисни евроинтеграциски процеси. Воедно, убедени сме дека овие реформи се неопходен квалитет што Македонија треба да го приложи во скрининг процесот што беше најавен како услов за добивање датум за преговори во следната година“, се вели во соопштението на ЦРМ.

Во него се додава дека „прв чекор во започнување на реформите треба да биде итно усвојување на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој во моментов е заглавен во собраниска процедура.“

„Токму затоа од матичната Комисија за транспорт и врски бараме веднаш да го продолжи процесот на прифаќање на предлог-законот и искрено да се стави во функција на итни реформи во медиумскиот систем.  Но, усвојувањето на овие измени треба да е само почеток на медиумските реформи. За да се спроведат добро осмислени чекори што ќе водат кон отстранување на системските недостатоци во медиумскиот систем, потребно е, низ широк и инклузивен процес, да се изработи сеопфатна медиумска стратегија“, се додава во соопштението.

Тие му предлагаат на надлежното министерство да формира група составена од експерти и претставници на медиумските организации, која ќе работи на стратегијата што ќе ги утврди насоките, мерките и активностите за спроведување на реформите.

„Информираме дека групата медиумски организации која ги предложи итните и системските медиумски реформи како дел од Блупринт иницијативата во следниот период ќе преземе низа чекори и активности со цел да се започне со ветените реформи на медиумскиот сектор“, велат од ЦРМ.