fbpx

„Цивил“: 104 граѓани не можат да се најдат на избирачкиот список

-

Невладината „Цивил“ денеска до ДИК достави список од 104 лица кои биле избришани од избирачкиот список и упати барање да им се регулира правото на глас на овие лица. Оттаму велат дека т.н. фантомски гласачи не се целосно избришани од списокот, туку дека само мигрирале од една на друга адреса.

– И по сите теренски и софтверски вкрстувања, ние имаме огромен број на луѓе кои едноставно исчезнаа од избирачкиот список. Фантомите не се избришани туку само мигрираа од една на друга адреса. Од 5 до 8 декември во „Цивил“ дојдоа повеќе од 600 повици од револтирани граѓани кои не можат да се најдат во избирачкиот список. Ние документиравме 104 граѓани и граѓанки и документите ќе ги доставиме до ДИК и ќе побараме да им се регулира правото на глас. Според нашите анализи, очекуваме голем број проблеми и голем број на граѓани да не можат да се најдат на избирачкиот список онаму каде што со години живеат и гласаат – вели претседателот на „Цивил“, Џабир Дерала.

Маја Ивановска од „Цивил“ е една од 104-те граѓани кои биле избришани од избирачкиот список, а од ДИК добила одговор дека ништо не може да направат затоа што списокот бил заклучен.

– Јас најверојатно нема да го остварам своето право на глас в недела. При првото прочистување на избирачкиот список, забележав четири фантоми на мојата адреса кои уредно ги пријавив. Тие фантоми беа избришани, но на мојата адреса имав еден нов фантом и го пријавив и тој. На последната проверка, пред три дена, фантомот остана, а сите тројца членови на моето семејство ги нема повеќе на мојата адреса. Се обратив до ДИК, а одговорот оттаму е дека списокот е заклучен и дека ништо повеќе не може да се направи – вели Ивановска.

Од „Цивил“ бараат сите актери во изборниот процес да гарантираат чесни избори во мирна и демократска атмосфера без насилство. Оттаму посочуваат дека е строго забрането да се уценуваат и да се заплашуваат избирачите, а од граѓаните бараат да бидат одговорни и совесни и да пријават секаков обид за изборни нерегуларности.

– Забележавме повеќе од 170 случаи на притисоци и други изборни нерегуларности и голем број притисоци врз администрацијата. На денот на гласањето не признаваме спонтано насилство, тоа секогаш е подготовка на некои структури во земјава кои се обидуваат да го манипулираат гласачкото тело преку закани и уцени – додава Дерала.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...