fbpx

Ципрас тргна силно, замрзнува приватизации и враќа отпуштени

-

Во постизборна еуфорија, новата влада на СИРИЗА и на Алексис Ципрас најави во ист ден враќање на отпуштените јавни службеници, зголемување на минималната плата и запирање на приватизацијата. Со став на влада која го ослободува народот од „окупаторите“ и му дели подобра иднина, министрите на Ципрас го отворија патот за инстантни чекори што ги поништуваат одлуките на претходната влада.

Министерот за труд, Панос Скурлетис, најави дека веднаш ќе се зафатат со работа да се вратат и подобрат колективните работнички договори и ќе ја вратат минималната плата од 500 на 751 евро како што беше пред почетокот на кризата. Скурлетис посочи дека веднаш ќе се работи и на подобрување на работничките права и на укинување на законот на Андонис Самарас, кој го оцени како „закон донесен од воената хунта“, за присилна мобилизација на вработените во случај на штрајк за насилно прекинување на долгорочните работнички штрајкови.

Иако претходната влада беше обврзана да отпушти илјадници државни службеници за да се намалат трошоците за јавната администрација, новата планира да врати на работа дел од отпуштените. Се проценува дека околу 7.500 отпуштени ќе бидат вратени на работа. Како што најави министерот за реформи, Јоргос Катругалос, за еден месец ќе вратат на работа околу 2.500-3.500 отпуштени државни службеници. Главно ќе бидат вратени на работа чистачките, кои со месеци штрајкуваат пред Министерството за финансии, школските чувари и дел од наставниците по стручните предмети.

За вработување на отпуштените, Катругалос најави дека ќе се искористи буџетот за нови 15.000 вработувања во јавната администрација. Се предвидува и враќање на работа на отпуштените од државниот сервис ЕРТ.

Владата ќе стави крај и на приватизацијата која од неа ја бараат меѓународните кредитори за исплата на долгот. Министерот за производствен развој, животна средина и енергија, Панајотис Лафазанис, и министерот за поморство, Теодорос Дрицас, објавија дека се стопираат сите процеси за приватизација на државните компании за енергија и за транспорт. Владата ја замрзнува приватизацијата на пристаништата во Солун и пристаништето Пиреја, ја запира продажбата на 14 помали аеродроми, целосно ќе ја затвори процедурата за приватизација на компанијата за електрична енергија ДЕИ, нема да дозволи приватизација на државната рафинерија за нафта ЕЛПЕ.

Првиот симболичен чекор што го направи владата за да се покаже како влада која го почитува народот и сака соработка со него, беше тргнувањето на оградите кои долго време, поради протестите и немирите, беа поставени пред влезот на грчкото Собрание.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...