fbpx

Ципрас и Меркел согласни дека Грција треба да преземе конкретни реформи

-

Грчката економија, заедничката соработка, билатералните односи и европските прашања биле клучните теми на кои се фокусираа грчкиот премиер и германската канцеларка, Алексис Ципрас и Ангела Меркел, на нивното денешно тет-а-тет соочување.

Ципрас, и овојпат без вратоврска, во Берлин се согласи дека се неопходни конструктивни реформи, но децидно одби да прифати мерки кои би ја втурнале Грција во нов бран строго штедење и кратење на социјалните придонеси, а не ги премолче ни барањата за германските воени репарации кои создаваат големо незадоволство во Германија.
Грчкиот премиер утре изутрина ќе се сретне со шефот на дипломатијата, Франк Валтер Штајнмајер.

Германската канцеларка посочи дека Грција е неопходно да прикаже конкретни, детални реформи, кои планира да ги преземе за да ја врати на нозе грчката економија и да го исплати кредитот кон меѓународните кредитори. Беше јасна дека Германија не е единствената држава која одлучува во ЕУ, туку дека не треба да се заборави дека главниот збор го имаат сите институции на еврозоната.

– Обајцата имаме волја да соработуваме во клима на доверба, да бидеме во можност да се соочиме со тешки прашања, задржувајќи го духот на соработката. Пред нас имаме заеднички предизвици – истакна канцеларката на заедничката прес-конференција.

Ципрас ги расчисти сомнежите, посочувајќи дека не е дојден во Берлин да бара пари и финансиска помош од Германија. Како и Меркел, и тој изрази волја за соработка, но потсети дека е непходно и Германија и европските партнери да покажат поголемо разбирање за грчкиот народ и за неговите барања по пет тешки години финансиски кратења и штедење. Ципрас потсети дека грчкиот финансиски проблем не е само грчки, туку е и европски. Досегашната програма за штедење ја отфрли како неуспешна, но настапи со фер став и дека не е во ред Грција да се жали дека за сè се виновни странците, а Атина нема никаква вина во целата приказна за предбанкротната ситуација во која се најде. Ципрас вети суштински реформи и интензивно соочување со клучните проблеми, како борбата со корупција и даночно затајување, две клучни работи за кои смета дека потфрлиле претходните влади. Побара и конечно помирување со Германија и бришење на германските стереотипи дека Грците се мрзеливи и за грчките стереотипи дека Германија е виновна за целата ситуација во Грција.

Сепак, и покрај помирувачката клима, Ципрас остана на одредени црвени линии, споменувајќи го барањето за германските воени репарации од Втората светска војна, а го повтори и барањето за поголем правен ангажман околу расветлување на случајот „Сименс“ во Грција. Канцеларката Меркел едноставно посочи дека прашањето околу воените репарации за Германија одамна е затворено и не станува збор некој повторно да ја отвори оваа тема.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...