fbpx

Ципрас: Грција врти нова страница

-

Со голема насмевка, под силен огномет и во еуфорична празнична атмосфера, меѓу илјадници поддржувачи, Алексис Ципрас прогласи историска победа за СИРИЗА.

– Грчкиот народ испиша нова историја, надежта испиша нова историја. Народот даде јасен мандат Грција да заврти нова страница – изјави Ципрас меѓу огромна толпа насмеани славенички лица, кои две години ја чекаа победата на грчката левица, прва и историска во страниците на политичката историја на Грција.

Ципрас посочи дека со нивната победа народот јасно одлучил да ги остави зад себе политиката на штедењето, стравот, ги остава зад себе петте години понижување на Грција и продолжува оптимистички, достоинствено и со надеж кон Европа која се менува. Тој истакна дека примерот со грчкиот народ е пример за новите промени во Европа.

– Нашиот народ го направи чекорот кон историјата. Денеска славиме, од утре имаме тешка работа – подвлече Ципрас со сигурност на нов грчки премиер, иако сè уште е неизвесно дали партијата ќе успее сама да формира влада или, пак, ќе мора да коалицира со помалите партии.

Победата на СИРИЗА, Грција ја оцени како пораз за олигарсите, политичките елити и недемократи, а победа на работничкиот грчки народ, кој ќе ја изгради новата иднина со достоинство.

– Ве уверувам дека новата грчка влада ќе соработува и преговара за првпат со партнерите за фер и одржливо решение, со нејзин национален план за реформи, со свои предлози за справување со долгот и со странските инвестиции. Ќе ги побиеме сите лоши предвидувања – изјави Ципрас. Најави решавање на сите проблеми од финансиските, до проблемите со корупција и со јавната администрација.

– Ќе ја вратиме надежта со насмевка, ќе го вратиме изгубеното достоинство. Напред, да го вратиме сонцето над Грција, да ги вратиме демократијата и достоинството – истакна Ципрас.

Премиерот во заминување, Андонис Самарас, го призна поразот велејќи дека изборните резултати не се пријатни за Нова демократија, но дека неговата совест по сите сработени дела овие две години останува чиста. Самарас порача дека се надева дека новата влада ќе успее да ја задржи Грција на правилен пат за нејзината европска перспектива, како и дека нема да се остварат неговите предвидувања дека со СИРИЗА Грција ќе се најде пред нови сериозни проблеми кои ќе ја загрозат нејзината европска иднина.

– Грчкиот народ се изјасни и ние ќе ја почитуваме одлуката. Мојата совест е чиста. Презедов држава која беше на раб на пропаст, ми побараа да земам во раце вжештени костени и го направив тоа. Ние го избегнавме најлошото, ја вративме довербата за Грција. Поставивме основа за развој и за излез од климата – изјави Самарас.

Првиот човек на ПАСОК, Евангелос Венизелос, ѝ честиташе на СИРИЗА коментирајќи дека иако сега слават, веројатно се свесни за големите одговорности што ги преземаат. Порача дека во сегашните услови дури и една партија да има мнозинство за да формира влада, потребен е политички и социјален консензус, алудирајќи со ова дека е потребно да се формира коалициска влада без оглед на мнозинството на СИРИЗА. 

М.П.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...