fbpx

Ципрас го информира Мицотакис за ситуацијата околу спорот за името

-

Грчките медиумски анкети полека почнуваат да му даваат водство на новиот лидер на Нова демократија, Константинос Мицотакис, пред премиерот Алексис Ципрас. Анкетата за телевизијата „Актион 24“ покажува дека според испитаниците, Мицотакис би бил посоодветен премиер од Ципрас.

Според резултатите, 27 отсто од испитаниците се изјасниле дека Мицотакис е подобра опција од Ципрас, на чија страна застанале 25 отсто од испитаниците. За обајцата е поразителен фактот што 41 отсто од граѓаните изјавиле дека ниту еден од нив не е соодветен да ја води Грција.

Анкетата покажува предност на Нова демократија пред СИРИЗА. Според резултатите, десничарската партија ја поддржуваат 28 отсто од граѓаните, СИРИЗА – 24 отсто. Третото место, според популарност, го делат неонацистичката Златна зора и Комунистичката партија, со поддршка од 5,5 отсто, ПАСОК е зад нив со 5 отсто поддршка, Народно единство има 3 отсто од гласовите, партијата Река има драстичен пад на само 2,5 отсто поддршка, а во иста линија се и Независни Грци кои се коалициски партнери во владата на Ципрас.

Грчкиот премиер вчера ја имаше првата официјална средба со неговиот нов политички опонент, Мицотакис, за да разговара за клучните теми во грчката политика. Покрај едно од најпроблематичните прашања, гласањето за реформите за пензиското и за здравственото осигурување, двајцата разговарале и за двете главни прашања од грчката надворешна политика, кипарското прашање и спорот за името. Според информациите во Грција, Мицотакис побарал да биде информиран за случувањата околу овие две прашања. Се разговарало за можноста за нивното решавање и за постигнување компромис, а според грчките медиуми, извор од Нова демократија информирал дека особено за спорот за името кај грчката влада имало желба да се постигне компромисно решение.

Покрај несогласувањата околу некои теми, средбата била цивилизирана и се постигнале компромиси за прашања како измени во грчкиот Устав. Ципрас од Мицотакис побарал поддршка за реформите што мора да се изгласаат и да се спроведат, како здравствените и пензиските реформи кои се болна точка за голем број од грчките граѓани. Лидерот на Нова демократија, пак, побарал да се продолжи политичкиот дијалог меѓу владата и опозицијата, но да се говори искрено и отворено.

Грчкиот премиер од денеска е во Давос, на Светскиот економски форум, каде ќе има средби со американскиот потпретседател Џо Бајден, шефицата на ММФ, Кристин Лагард, и со ред други светски лидери. На форумот ќе присуствува и генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, меѓутоа од грчка страна сè уште нема информации за потенцијална средба со него.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...