Прославата на Илинден под мотото „Наша Македонија“


       
Скопје, 31 јули, 2018 - 14:03 (META) 

Прославата на Денот на Републиката – Илинден, ќе се одржи под мотото „Наша Македонија“, соопшти Владата.

„Темата на Денот на Републиката  е ,Наша Македонија – без разлика на вера, етничка припадност, пол и убедувања. Бидејќи од дедо – прадедо си живееме како браќа и сестри на оваа земја! За право, за слобода и за човечки живот’, која е инспирирана од Крушевскиот манифест“, порача Владата.

Претседателот Ѓорге Иванов ќе се обрати на Мечкин Камен, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе одбележува во Скопје.

Свеченостите во Скопје започнуваат во 10 часот пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев. Таму свежо цвеќе ќе положат Џафери и  владина делегација составена од министрите за труд и социјална политика, за финансии и за дијаспора, Мила Царовска, Драган Тевдовски и Едмонд Адеми.  Потоа, во 10:30, истата делегација ќе се поклони и ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ, Методиј Андонов Ченто.
На крајот, односно во 10:45 свое обраќање ќе има претседателот на Собранието.

Одбележувањето во Пелинце ќе почне во 11 часот, кога свежо цвеќе ќе положи владината делегација предводена од премиерот  Заев, а во чиј состав ќе биде вицепремиерот и министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, како и министрите за надворешни работи, за правда и за култура, Никола Димитров, Рената Десковска и Асаф Адеми.

Во 11:30 часот е предвидено обраќање на премиерот Зоран Заев. На централното одбележување ќе настапи хорот Вардар, а ансамблот Танец ќе изведе неколку традиционални македонски ора, додека културно уметничко друштво Емин Дураку, ќе изведе сплет од албански песни и ора.

На Мечкин Камен, во Крушево, Денот на Републиката и државните почести по повод годишнината ќе ги одбележи претседателот  Ѓорѓе Иванов.
Во 9:30 часот ќе биде положено свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, а во 10 часот на Споменикот на хероите – Слива. Точно напладне, односно во 12 часот, ќе биде положено свежо цвеќе на Мечкин Камен, по што следува обраќање на претседателот  Иванов.

На Мечкин Камен, ќе присуствува и владина Делегација составена од вицепремиерот Кочо Анѓушев, министрите за транспорт и врски, Горан Сугарески, за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и за здравство, Венко Филипче.

Илинден ќе се слави и во Смилево. Таму се обележуваат 115 години Илинден и 76 години од првата борбена акција на Битолско – Преспанскиот Партизански Одред „Даме Груев“ – Ослободување на Смилево. По тој повод, во 9 часот свежо цвеќе ќе биде положено на три спомен обележја: могила на Даме Груев – обелиск, на споменикот на Смилевските илинденци – обелиск и на спомен плочата на Партизанскиот одред „Даме Груев“.

Во Смилево, Владата ќе ја претставуваат министерот без ресор, Зоран Шапуриќ, заменик – министерот за локална самоуправа Дејан Павлески и националниот координатор за здравство, Гоце Чакаровски.