Центарот за социјална работа во Велес и Општина Велес денеска се ангажираат за организирање на погребот на трите деца, две сестри и еден брат, на возраст од 1,2 и 4 години, кои вчера ги загубија животите во пожарот во нивниот дом под ридот Вршник во Велес, соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
Од министерството појаснуваат дека семејството било корисник на социјална помош.
Според првичните сознанија на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата, две сестри и еден брат, и заминале во продавница. За тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата.
Јавниот обвинител издал наредби за обдукција на починатите деца и продолжува со постапката за утврдување на причините на несреќата.