ЦЕА: Владеењето на правото треба да овозможи амбиент за економски раст


       
Скопје, 2 март, 2018 - 11:03 (META) 

Македонија бележи назадување во владеењето на правото во последните години, но овие движења не се неочекувани, имајќи ја предвид долгата политичка криза која на површина го исфрли селективното спроведување на правото во подолг временски период, велат од Центарот за економски анализиа ЦЕА.

Од таму додаваат дека владеењето на правото треба да овозможи амбиент за ефикасна пазарна економија, за економски раст и развој, а системот на јавни финансии треба да почива на транспарентни процедури и правила, со цел да се намали можноста од дискрециско водење политики.

„Неодамнешниот случај на толкувања одредби од Законот за данок на додадена вредност (ДДВ) и обидот за нивна примена врз физички лица во услови на недостаток на правила и процедури, при иста даночна база и правна инциденца, е пример за недостиг од и/или нарушување на владеењето на правото“ се вели во брифот за политиките на оваа тема, подготвен од Центар за економски анализи (ЦЕА) заедно со Институт за економски истражувања „Фајненс тинк“.

Во заклучокот се вели дека владеењето на правото треба да обезбеди праведно општество, недвосмислени толкувања и неселективно спроведување на законите, кое пак е основа за добро економско владеење и овозможување услови за споделен економскиот раст и развој.