Материјалите од прислушуваните разговори, односно „бомбите“, не се единствениот доказ што Специјалното јавно обвинителство ги користи во своите предмети, според тоа, овие предмети не се доведени во прашање, е ставот на Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Судот за човекови права во Стразбур. Според судијката, државата не смее да се доведе до ситуација некој од осомничените да не одговара за сторените кривични дела.

– Значи тоа се едни докази, кои мора да бидат поткрепени со други докази. Од друга страна мора да се испочитува постапката на фер постапување, каде што ќе се даде право на одбраната да реагира. Што значи дека и тие прислушувани материјали одбраната ќе ги цени и ќе ги елаборира, ќе се даде право на одговор на спротивната страна и ќе се применуваат принципите на еднаквост на странките во текот на постапката. Многу често слушам дека овие материјали веќе нема да може да бидат докази. Прво почекајте законот да помине, да видиме што ќе биде и како ќе биде – рече Николовска денеска во Штип на дебатата на Правниот факултет „Дали новите реформи ќе ги решат старите предизвици во судството”.

Цаца Николвска вели дека државата сега е пред предизвикот да докаже оти владеење на правото постои.

–  Да докажеме дека секој кривично ќе одговара, евентуално за делата што ги направил и дека во демократијата и во праксата на Европски суд за човекови права конзистентната пракса е еден од елементите на фер постапување. Што ова значи? Ако за некој се има еден третман, за друг се има друг третман, тоа во однос на оценувањето на нашите идеи и желби да влеземе во друштво на ЕУ нема лесно да помине – рече Цаца Николовска.