Царовска: Со препознавање на ризикот, може да се спречат убиства на жени од нивните партнери


       
Скопје, 26 октомври, 2018 - 13:24 (META) 

Убиствата на жените предизвикани од семејно насилство може да се спречат со навремено препознавање на ризикот, за што е потребна посветена меѓуинституционална работа. За таа цел, по ратификувањето на Истанбулската конвенција,  Владата почна со усогласување на законодавството, воведување на управување со случаи и отворање шелтер центри за лица жртви на семејно насилство.

Ова го изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која денеска присуствуваше на презентацијата на Анализата на случаи на фемициди – убиства на жени во Македонија, подготвена од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, со поддршка од УНДП.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека семејното насилство, особено од аспект на насилството мотивирано од родова омраза, како проблем, е многу повеќе од статистички бројки.

-Наша обврска е да изградиме општество кое ќе ја штити жената како столб на семејството – рече тој.

Според анализата, 80 отсто од убиените жени во Македонија биле жртви на нивните интимни партнери или машки членови на семејството.

Во изминатата година и половина  Министерството за труд и социјална политика повторно ги активираше четирите регионални центри за лица жртви на семејно насилство во Скопје, Кочани, Битола и во Свети Николе, а ја прошири и дејноста на Центарот за лица жртви на трговија со луѓе и со жртви на сексуално насилство, каде што згрижувањето трае до 6 месеци.

Во соработка со граѓанскиот сектор, во функција се ставени Центар за лица жртви на семејно насилство, Кризен центар 24/48 часа и Национална мобилна СОС линија. Министерството инвестира и во објект каде ќе биде сместен Центар за советување на жртви на насилство во Општина Куманово. Исто така, отворени се центри за жртви на сексуално насилство во состав на здравствени установи во Куманово, Тетово и Скопје.