!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Царовска: 220.000 работници се сиромашни, односно секој трет вработен


       
Скопје, 15 септември, 2017 - 16:20 (META) 

Според податоци од Министерството за труд и социјална политика, 220.000 работници, односно секој трет вработен е сиромашен, додека според одредени индикатори на Еуростат за 2015 година, 8,9 проценти од вработените се сиромашни.

Ова денеска го истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која се обрати на шестата национална конференција на сиромашни и социјално исклучени лица во организација на Македонската платформа против сиромаштија. Настанот со „Работа, колку да не е без ич“ беше посветен на лицата кои се вработени, но сиромашни.

Во обраќањето на министерката беше спомнато дека за надминување на сиромаштијата кај вработените, клучна улога имаат синдикатите.

„Многу е важно тие да функционираат и да се грижат повеќе да бидат блиски со работниците, наместо со политичките елити. Ако имаме силни синдикати, многу помалку ќе зборуваме за кршење на работничките права. Во Македонија малку работници се свесни за нивните права или чувствуваат страв дека нема кој да ги заштити. Во таа насока, во секоја приватна компанија со најмалку 20 вработени, ќе треба работните односи да се уредат и со колективен договор, покрај Законот за работни односи“, изјави Царовска.

Таа укажа дека постои неповолна почетна позиција за креирање политики поради недостигот од релевантна статистика, затоа што истата се базира на податоци од пописот во 2002 година, а оттогаш состојбата во Македонија е многу изменета.

Министерката се задржа и на проблемот со неформалната, сива економија. Луѓето кои собираат пластика, хартија, стакло, како што посочи, се исклучени од системот. Иако тие помагаат државата да го исчисти сметот, тие не се социјално обезбедени и немаат заштита при работа.