Компанијата „Фине ДОО“ и Фијат Цаноски од денеска ја започнуваат градбата на комплексот „Космос“, чија што градба треба да заврши најдоцна до почетокот 2021, информираат од компанијата.

Споре најавите, тој ќе биде најелитниот станбен комплекс, а инвестицијата на комплексот изнесува близу 60 милиони евра.

Сместен покрај реката Вардар, во населбата Ќерамидница, комплексот е предвидено да биде како град во град.

„Големата зграда- седумнаесеткатница од комплексот, ќе биде поделена на пет ламели, а ќе има повеќе посебни влезови. Ќе има и помала зграда, која ќе биде поставена полукружно. Двете згради заедно ќе имаат околу 560 стана. Поголемата зграда зафаќа бруто-површина од околу 80.000, а помалата околу 40.000 квадратни метри.Во долниот дел од големата зграда на „Космос“ ќе има деловни простории и шопинг-центар, а на последниот кат ќе има луксузен ресторан, кој ќе ротира и ќе биде со површина од 1.500 до 2.000 квадратни метри. Од него ќе може да се гледа целата панорама на Скопје“, се вели во соопштението.

Од компанијата додаваат дека во комплексот ќе има парк и шеталиште, а истиот ќе биде граден врз елаборатите за енергетска самоодржливост со што ќе се придонесе кон заштитување на животната средина и елиминирање на над 40 тони јаглерод диоксид годишно, кои инаку би биле испуштани во атмосферата.

За комплексот „Космос“, постои обвинение „ТНТ“ на СЈО, во кое се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски. Тие сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на нивниот политички противник Фијат Цаноски, кој за ова бара отштета од 55 милиони евра.