fbpx

Труење или стомачен вирус испрати гости на струшки хотел в болница

-

Гостин на хотелот „Изгрев“ на струшкото крајбрежје се пожали на „Мета“ дека попладнето во саботата, откако претходно појадувале во хотелот, тој и неговото семејство почнале да чувствуваат мачнина, а потоа почнале и да повраќаат, поради што побарале лекарска помош во Општата болница во Струга, каде разбрале дека имало и други туристи од хотелот „Изгрев“ со исти симптоми. Гостинот се сомнева дека во прашање е труење со храна. Но, како што дознаваме, причините би можеле да бидат и други, односно можно е и да станува збор за стомачен вирус, бидејќи во последниот период во Охридско-струшкиот Регион се забележани позначителен број вакви случаи.

Од Општата болница во Струга велат дека во текот на викендот примиле тројца странски државјани со симптоми што може да значат и труење, но и друго, на пример, стомачен вирус. Како што велат, за причините за симптомите, засега не можат да се изјаснат. Напоменуваат дека пациентите се соодветно третирани според симптомите.

Од хотелот „Изгрев“ ни рекоа дека и кујната и целиот хотел ги исполнуваат сите стандарди и дека секогаш се подготвени за соработка со властите доколку нешто треба да се утврдува. Сепак, и оттаму ни посочија дека е можно да станува збор за состојба поврзана со неприлагоденост на организмот на некои туристи кои доаѓаат од климатски постудени подрачја или, пак, за стомачен вирус. Велат и дека е можно, ако навистина станува збор за труење со храна, да е во прашање храна што туристите ја консумирале на друго место.

– Кај нас минатата недела санитарна инспекција изврши редовен надзор, ни провери сè и сè беше в ред. Имаме записник од тоа, сè е како што треба. Некои од луѓето пред да дојдат кај нас имаат поминато и во неколку други хотели. Ние имаме персонал 200 луѓе, а повеќе од 1.000 луѓе се во хотелот и нема други такви проблеми. Овие појави се можни затоа што минатата недела температурата на воздухот беше премногу висока, па се појавуваат стомачни вируси. Болниците во Охрид и во Струга се полни поради тие стомачни вируси, тоа е јавна тајна… Ние правиме сè што се бара, работиме законски, а нашата кујна работи по сите светски стандарди – изјави за „Мета“ Илија Џајковски од хотелот „Изгрев“.

За проверка со состојбата со стомачните вируси се јавивме и на инфективното одделение во Општа болница Охрид, каде началникот, д-р Лидија Љаткоска, појасни дека и кај нив викендот се примени и странци и македонски граѓани со симптоми на гастроентеритис. Вели дека бројката на вакви случаи, иако повисока од другите периоди на годината, е сепак во рамките на очекуваното за туристичката сезона, односно во последните десетина дена немало нагло зголемување на бројката на пациенти примени со симптоми на повраќање и со висока температура.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
ФИНКИ

ФИНКИ бара Владата да ги ослободи бараките на Техничкиот кампус, во спротивно најавува протести и штрајк

Најбројниот факултет во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бара од Владата решение за просторниот проблем со кој се соочува институцијата. Со повеќе од 5.000...