This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Thu Jun 22 14:26:15 2017 / +0000 GMT

Тројца македонски поети претставени во Солун




Македонската современа поезија и литературни автори беа претставени на поетската вечер „Живите гласови на Медитеранот“ во Францускиот институт во Солун. Бројната грчка и странска публика ги слушна стиховите и поетските мисли на истакнатите македонски автори Владимир Мартиновски, Николина Андова-Шопова и Ѓоко Здравески.

Поетската вечер се одржа по повод Месецот на Франкофонијата, настан на кој Македонија со помош на Генералниот конзулат на државата во Солун веќе редовно настапува последните три години. Настанот, кој беше уникатна можност за грчката и меѓународната франкофонска публика да се запознае со македонската поезија, литература и уметност и со тоа да ги надмине политичките проблеми, беше организиран повторно со помош на Генералниот конзулат и на македонската конзулка во Солун, Маја Апостолова.

За време на поетската вечер, професорот Мартиновски, Андова-Шопова и Здравески читаа дел од својата поезија на македонски и на француски јазик. Авторските дела со кои се претставија беа дел од творештвото со кое тројцата автори учествуваа и на поетскиот фестивал во Сете, Франција. За грчката публика, стиховите на македонските автори ги препеа грчкиот издавач Јоргос Јанопулос.

Благодарение на интензивираната културна соработка меѓу македонските автори и грчки издавачи, се очекува дел од македонската современа поезија да биде објавена во грчко литературно издание.

Грчката публика имаше можност на изминатите изданија на поетските читања на Месецот на франкофонија во Солун да слушне и дел од поетското творештво и дела на познатиот македонски автор Влада Урошевиќ.

Македонската современа култура сè почесто се претставува во Северна Грција и особено во Солун, преку активностите на конзулатот. Пред само две недели во втората грчка престолнина беше претставена старата македонска чалгиска музика преку концерт на „Чалгија саунд систем“.

Post date: 2017-03-13 14:32:14
Post date GMT: 2017-03-13 13:32:14
Post modified date: 2017-03-13 14:32:14
Post modified date GMT: 2017-