This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Tue Dec 11 20:26:00 2018 / +0000 GMT

Тригодишнина од првата „бомба“: Разговорите кои ја потресоа и ја променија Македонија




Со објавувањето на првиот комплет прислушувани разговори на 9 февруари 2015 година, по долго најавување во претходниот период, претседателот на тогаш опозициската партија СДСМ, Зоран Заев, предизвика лавина на настани и политички поместувања што после 11 години, минатата година ја симна од власта ВМРО-ДПМНЕ.

Додека уште траеше објавувањето на бомбите, СДСМ почна да поднесува кривични пријави против државни функционери почнувајќи од премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и министри и функционери на партијата, како и против директори на јавни претпријатија.

  • Од 20 до 22 април, од 3 до 5 мај, од 17 до 20 мај, на 19 јуни 2015 година групата експерти предводена од поранешниот директор на Директоратот за Западен Балкан, Рајнхард Прибе, по теренските посети на земјата го објави својот прв извештај. 

  • На 19 мај преговорите помеѓу Груевски и Заев завршуваат со неуспех. Во текот на мај се одржани две неуспешни лидерски средби.

  • На 11 јуни 2015 година во Брисел се одржани неуспешни преговори за излез од политичката криза во земјата помеѓу еврокомесарот Јоханес Хан, амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје, и лидерите на македонските партии.

  • На 2 јуни се одржува лидерската средба на Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи во Пржино, при што е составен Договорот од Пржино.

  • На 15 јули со ставање потписи на протоколот се официјализира Договорот од Пржино. Потоа следуваат средби на работни групи на партиите кои ги договараат деталите за точките на договорот, под водство на белгискиот олеснувач Петер Ванхауте.

  • На 1 септември 2015 опозицијата предводена од СДСМ се врати во Собранието.

  • На 15 септември Собранието го донесе законот за Специјално јавно обвинителство. Истиот ден, Советот на јавните обвинители ја избра Катица Јанева за прв човек на новоформираната институција.

  • Во Владата на 11 ноември 2015 година влегуваат двајца министри од СДСМ и тројца заменици министри, кои се во неа до 18 мај 2016.

  • На 15 јануари 2016 година Никола Груевски поднесува оставка на премиерската функција. Таа е прифатена од Собранието на 18 јануари, а на неговото место како технички премиер застанува Емил Димитриев.

  • Кон средината на јануари 2016 година, во Пржино е одржана повторна средба помеѓу лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија, со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан.

  • На 12 февруари 2016 година СЈО отвори истражна постапка за својот прв случај, под кодно име „Титаник“, за изборни нерегуларности.

  • На 12 април 2016 претседателот на државата, Ѓорге Иванов, прогласи амнестија. По протестите, на 27 мај претседателот ја повлече одлуката за помилување за 22 најекспонирани политичари, а на 6 јуни и сите преостанати одлуки за помилување.

  • Една година по првиот договор од Пржино, на 20 јули 2016 четирите политички партии одржаа втора средба, наречена Пржино 2.

  • На 2 септември 2016 година во техничката влада влегуваат повторно министри од опозицијата.

  • На 18 октомври 2016 година претседателот на Собранието Трајко Вељаноски распишува предвремени парламентарни избори.

  • Изборите се одржуваат на 11 декември 2016 година, по што лидерот на СДСМ, Зоран Заев, формира парламентарно мнозинство помеѓу партиите СДСМ, ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците.

  • Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, му го дава мандатот на Никола Груевски во јануари 2017 година, но тој долго време не успева да формира коалиција. Иванов одбива да го даде мандатот на Заев, но по долги притисоци тоа се случува на 17 мај 2017 година.

  • Вечерта пред полноќ на 31 мај 2017 година Собранието на Македонија со 62 гласа „за“ ја избра владата на Заев.

  • На 1 декември 2017 година Никола Груевски ја најавува и оставката на претседателското место во ВМРО-ДПМНЕ.

  • На 23 декември на партискиот конгрес во Валандово, Христијан Мицкоски е избран за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Post date: 2018-02-09 14:01:56
Post date GMT: 2018-02-09 13:01:56
Post modified date: 2018-02-09 14:01:56
Post modified date GMT: 2018-02-09 13:01:56
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com